ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ – МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 29

Групата доктори и болничарки ја напушти собата. Докторот Џорџ седна до креветот. И ја зеде раката и остана така замислен, без збор. Уште еднаш се прашаше зошто кога оваа девојка ја виде првпат во болницата, толку се заинтересира за неа. Што има во неа или на неа што го фасцинира?

– Не е ли тажно, докторе, вака млада да умрам, кога надвор времето е толку убаво, исполнето со сонце и со живот? Зар немам и јас право на дел живот, на малку љубов, на маж, на деца? Зар не смеам да мечтаам, да сонувам сино небо, зелена земја, широко и длабоко море?

Докторот молчеше и í ја држеше раката. Медицинските инструменти во секој момент ја покажуваа работата на нејзиното срце, артерискиот крвен притисок, бројот на пулсации…

Темјануга пак си отиде. Се виде како се допишува од Македонија со еден земјак со кого се запозна преку писма. Земјакот живееше во странство, во САД. Уште од детството мечтаеше за големи простори, за крилати коњи, за далечни земји… Со земјакот се договорија да се венчаат во САД и. И таа отпатува. Кога пристигна на аеродоромот во Америка, никој не ја чекаше. Се најде сама, со смешно мала сума пари, без никој познат. Каде да оди? Што да прави?

Подоцна дозна дека човекот со кого се допишувала бил некое просто момче, кое дури и писмата за неа не ги пишувало, туку некој негов познат, кој знаел подобро да пишува од него. Кога слегла од авионот, тој бил скриен некаде и оттаму ја набљудувал. За среќа, се најдоа добри луѓе да ја прифатат, да í помогнат, некои Хрвати. Сторија колку што можеа за неа, но не многу, оти не беа богати. Живееа скромно. Во меѓувреме таа тешко се разболе и ја донесоа во болницата…

Пак излезе од своето тело и почна да рее до таванот во собата. Долу, под неа го гледаше своето тело и докторот Џорџ кој í ја држеше раката. Немаше повеќе желба да се врати во телото легнато на креветот. Излезе од собата, ја виде големата светлина, се упати кон неа и дефинитивно си отиде…

На погребот од Темјануга беа само свештеникот и докторот Џорџ, кој ги плати сите трошоци. Кога попот и гробарите си отидоа, младиот доктор кладе голем букет од црвени трендафили на пресниот гроб. Остана долго простум, замислен. Потоа се штрекна, како да се разбудил од сон. Си рече – “Збогум Темјануга!”.

Излезе од гробиштата и си отиде со автомобилот. Терајќи ја колата размислуваше за прашањето што му го постави еднаш Темјануга: “Дали тој верува во задгробен живот”? И одговори дека верува, ама не онака како што тврди религијата, туку научно. Верува во постоење на друга димензија, после овдешниот живот. Верува дека некогаш тоа ќе биде научно разјаснето. Верува, верува, верува…

Тогаш се присили и да се насмевне пред болната, за која знаеше дека е осудена на смрт од својата болест. И рече дека Шекспир напишал во една од своите трагедии дека да се умре значи да се спие. И раскажа со неколку збора за тврдењето на некои “истражувачи на задгробниот свет”, кои мислат дека кога луѓето умрат, некои од нив не знаат дека умреле, туку веруваат дека спијат и сонуваат. Каде потоа се оди, кој би можел да одговори на тоа прашање?

Три месеци по смртта на Темјануга, му јавија на докторот Џорџ дека лада жена го бара на рецепцијата од болницата. Тукушто ја имаше завршено работата и можеше веднаш да слезе до приемната служба да види која е и што сака од него таа жена. Кога ја виде, онеме од чудо. Младата жена беше Темјануга!

– Не, не сум Темјануга, му објасни девојката, јас сум сестра í Лидија. Бевме близначки и толку си личевме, што честопати луѓето не знаеа која е која. Додека добив виза и ги средив другите потребни работи да дојдам, помина многу време, докторе.

– Дојдете да испиеме кафе и да позборуваме-  ја покани.

– Ви благодарам за се што сте сториле за мојата несреќна сестра – му рече Лидија, пиејќи го кафето.

Докторот замавна со раката, како да сакаше да рече

– Тоа не е ништо. Нормално беше да í се помогне – прашувајќи ја каде толку добро научила американски.

 (продолжува)

Loading