МЕСТО ТЕМЕЛКО ФУРНАЏИЈАТА, БАРАЈТЕ ГО ПИЧКАРОТ

ПРЕКАРИТЕ СЕ ЛИЧНА КАРТА НА ПРИЛЕПЧАНИ

Прекар има дури и градскиот часовник. Еснафот од чаршијата го крстил Прчикур, бидејќи им симболизирал машкост. Олга Демократија го добила прекарот, бидејќи демократски барала право да си го продава телото за пари.

Во Прилеп, човек најлесно може да се најде по прекарот. Тој е народна лична карта и кажува како чаршијата го измерила човекот по неговиот физички изглед и по духовното во него. Прилепчани ги негуваат прекарите како име и презиме што се носи цел живот. Дури и кога човекот умира, прекарот останува да живее.

Реалниот живот потврдува дека прекарот е поважен од името. Починатиот актер Благоја Алексоски – Глумецо собра 11 илјади прекари и ги овековечи во книга.

Во една од приказните се вели дека некој битолчанец дошол во Прилеп да го бара Темелко фурнаџијата. Забележал неколку семејства кои речиси на улица нижеле тутун и ги прашал каде да го најде. На тутунарите не му текнувало. Една од нижачките прашала кој му е прекарот на Темелко фурнаџијата. Битолчанецот í рекол дека му е непријатно да каже, но откако видел дека нема чаре, изустил дека фурнадџијата го викале Пичкарот. Тутунарите веднаш му кажале како да стигне до него.

Тешко се откриваат корените на прекарите, бидејќи за секој има некоја приказна. Старото влашко семејство со корени од 250 години, ги викале Царулевци. Прекарот го добиле по однесувањето и изгледот на еден член од ова семејство. Ордан варошанецот бил многу кибар човек. Се облекувал убаво, не жалел пари за алишта. Варошаните велеле: ,,Видете го, облечен е како цар, Царуле,,. Оттогаш сите во семејството се викале Царулевци.

Во Прилеп живеела некоја Олга која ја знаеле како Демократија. Објаснувањето како го добила прекарот е што во земјите каде е забранета проституцијата, продавачките на љубов ги викале демократија. Па Олга велеле неофицијално дека никој не може да í забрани да ја продава дундата. Се правдала дека кога може некој загулен политичар да лаже, зошто таа да не може да го продава “своето”. Така ја “прекрстиле” во Демократија.

Прекарите биле плод на мајтапењето. Трајко, сакајќи да зафркне продавач, му рекол: “Бато, навистина ли добивте дрвени шпорети по најнова мода?”. Од тогаш го завикале Трајко Дрвено Шпоре. Петре станал Хобио, оти му велел на полицаецот дека крадел од хоби. Прекарот Тополо го добивале луѓе неодговорни за својот изглед. Тоа значело несреденост.

Прекари добивале и места и животни. И градскиот часовник го викаат Прчикур. Еснафот во чаршијата го крстил зашто кулата е висока 38 метри и потсетува на симболот на машкоста, исправеност, непокорност и инает. Прчикурот не е само декор, туку е сведоштво за богатиот дух. Сарика е месност со многу ниви со тутун, лозја и бавчи. Името значи место каде што рикаат магарињата, оти сите земјоделци доаѓале со магариња кои рикале во хор.

Прилеп е полн со ликови кои се тесто за вајање на прекари. Тоа богатство не е оставено во заборав.

Не го открил прекарот Дрле – Бањарот

– Ми причинуваше задоволство потрагата по потеклото на прекарот Дрле – Бањарот. Некои кажувања водеа дека тој бил ложач во Градската бања и бил обратен, бидејќи ѕиркал во машкиот дел од амамот. Ама зоште бил Дрле, не успеав да откријам – велеше Алексоски.

Глумецо оти бил актер

Во шега вели дека што саглам прилепчанец ќе бил, без прекар.         

– Ме викаа Брешко и Глумецот. Брешко, оти играв крал Брешко во една претстава, а Глумецот, оти го минав животот како актер и режисер во театарот. Син ми го викаат Ајкулата, зашто добро плива, а прилепчани не ги поштедија ниту внучињата – велеше Алекоски.

Loading