ПРИЛЕПЧАНЕЦ КРЕНА ОВОШТАРНИК НА МАЛИНИ ВО КРУШЕВО

“Еуропај” влегува во земјоделското производство

 

Првите ефекти се охрабрувачаки и ветуваат дека во полна плодност насадот по три години ќе дава 12 тони од хектар 

Единствена фирма со сертифицирани садници за нови насади

 

Со два ипол хектари насад од боровинки и малини во близината на Крушево располага фирмата “Еуропај” од Прилеп, во сопственост на Пеце Костадиноски. Првиот род по ланското расадување влева оптимизам дека ќе се остварат очекувањата од 12 тони на хектар при полна плодност по три години. Векот на експлоатација на овошките им е најмалку 20 години. Фирмата е единствена со дозвола за производство и продажба на садници за малини и боровинки. Во потрага се по кредитни средства за изградба ладилник за складирање и мала акумулација. Извесно е и проширување на овоштарникот и набавка на машина за берење. Сметаат на пристојни приходи од штотуку отворената инвестиција. Пласманот бил обезбеден за фирми за производство на природни сокови. Веќе се интересирале компании од Швајцарија, Австрија и Германија. Цените се прифатливи. Го ангажирале агрономот Ванчо Коцев од Неготино и неговата фирма Златен врв, планирајќи го развојот во набавка на опрема за преработка на малините во џем и пакување во хотелска амбалажа.

Крушевско – погодно за малини 

Костадиноски вели дека не е скапа инвестицијата на насадот, скорен по светски страндарди и норми со систем камка по капка, со агротехника од трактори и останати земјоделски машини. Давачките следуваат поради градба на сопствено мало езерце за собирање вода и набавка на цистерни за прибирање резервна вода. Идејата им дошла по контактите со крушевски пријател, кој одгледува малини од три декари. По негови стапки и со помош на пријатели од околината на Чачак во Србија, каде масовно се одгледува малината, набавил добри садници преку неготинската фирма. Ги насадиле лани во ноември и добро вегетираат, очекувајќи високи приноси и квалитет. Производителот на садниците од Србија дојде и се изненади од големината на малините. Охрабривачка е првогодишната плодност. Задоволни сме, оти малините беа со големина на јагода од новата српска сорта, која досега ја нема во Македонија. Природните околности и климата се погодни во Крушево. Малината не бара драстични температурни разлики. За тоа сведочи податокот што веќе насадот, како шпалир грозје, е висок над еден метар, а полна плодност се достигнува по три години – вели Костадиноски.

Ќе копа мала сопствена акумулација за вода 

Се носи со идеја да копа мала акумулација за систем за наводнување, макар што на малините им се потребни само две полевања. Ладилникот и водата се носечки за следната етапа. Зашто, цените паѓаат во екот на откупот. Со складирање се обезбедува повисок квалитет и приходи. Сметам и на продажба за исхрана во пакувања од 250 грама, но главнината би била за сокови – ги објаснува плановите Костадиноски. Фирмата обезбедила агроном за следење на вегетацијата и одредување термини и формули за третмани за заштита. Располагаат со документи за садници за нови насади. Зашто, државата го контролира садниот материјал и партиципира и со враќање на дел од вложувањата, само ако садниците се набавени од овластена фирма како што е “Еуропај”. Костадиноски негува надеж да го проширува бизнисот. Веќе е во потрага по нови пет хектари општествено земјиште под концесија за проширување.

– Планирам да заокружам на десет хектари. Да изградам и ладилник, да конкурирам за користење на средства за развој на земјоделството од ИПАР фондовите од ЕУ. После да се преработуваат во мармалад и да се пакува во хотелска амбалажа. Засега е добра соработката со Министерството за земјоделство. Доаѓаат стручнаци кои даваат совети за подобар развој на овоштарникот – кажува Костадиноски. Како и да е, Костадиноски тргнал во сериозен земјоделски зафат, кој е перспективен и профитабилен.

Loading