АЛЕКС КОРМУШОВ ОД ЧИКАГО НА ДЕДОВИТЕ КОРЕНИ ВО ПРИЛЕП

Потомците на нашите во светот

Крстен бил по дедо му Алекса, кој на Водици се фрлал во американските води да го бара крстот во дваесетите години од минатиот век 

Големата прилепска заедница изградила црква со името Свето Благовешетние, како прилепската, во градот Стиллтон, во Пенсилванија во 1909 година 

Силен впечаток од Прилеп 

 

“Мајмун, свињо една, седи мадро, нужник, локум, алва, сарма, таратур…” Овие и многу други македонски зборови, не само што ги знае, туку и го познава значењето, 53 годишниот Алекс Кормушоф, бизнисмен од Чикаго со прилепски корени. Вели дека во крвта му се прилепските адети, задумани од дедо му Алекса од Прилеп. Сé уште ја празнува славата Свети Никола со посна сарма и грав на трпезата. Памети имендени славени од предците и родителите. Пали свеќа во православната црква Свети Благовештение, градена од Македонците во градот Стилтон, во Пенсилвенија, положува цвеќе на гробовите на своите роднини и ги подучува децата со историја на земјата на своите. Иако е Американец, ја негува прилепската традиција на американска почва, дури грижливо ги чува сликите на прилепчаните и другите Македонци, кои дошле во потрага по подобар живот во “ветенета земја” во почетокот на минатиот век.

Четврта генерација Кормушофи во САД 

Алекс Кормушоф е третото колено на семејството Кормушоски од Прилеп, кои заминале на печалба во Америка во почетокот на 20 век. Живее во Чикаго. Сопруг е и татко на син и две ќерки. Има брат со име Методи, а жива е и мајка му со сицилијанско потекло. Стручњак е за подготовка на проекти за отстранување на слабости на фирми пред банкрот. Кажува дека градоначалникот Марјан Ристески покажал љубезност, откако разбрал дека во Прилеп дошол некој Американец со прилепска “крв”. Бил изненаден од гостољубивата душа на прилепскиот татко. Размениле мислења. Се пофали дека добил и подарок со амблеми, ЦД и сувенири, покрај ширденот за ручек. При престојот во Македонија на групата наши иселеници и американски бизнисмени со македонско потекло во поддршка на Македонија, тој го задоволил љубопитството и ја побарал семејната лоза Кормушоски на родната грутка на дедо му и неговите браќа и сестри во Прилеп. Запознал подалечни роднини од семејеното дрво, кои останале во Прилеп, а некои се отселиле во Скопје. Бил на Варош, одкаде потекнувале неговите. Воодушевен е од Прилеп, местото на младоста и детството на дедо му. Вели дека ќе ги носи во Америка импресиите за тутунот и богатството културно историски споменици. Впечатливи биле скелињата за сушење тутун, манастирите и црквата Свето Благовештение, изградена под истото име во градот Стилтон. Градската саат кула ја доживеал како кривата кула во Пиза, а воздишки му предизвикувал плоштадот Александрија и Алејата на славните. Се изненадил од “танцот” на пајките во Паркот кај Судот. Крстен е по дедо му Алекса, кој, заминал во Америка кон почетокот на 20 век. Отседнал и создал фамилија во градот Стилтон во Пенсилванија. “Коските” ги оставил таму, а последните години ги врвел со бројници в раце. Алекс бил растен во прилепски дух. Затоа ги одржува адетите. “Наследството” традиција му го всадувала и баба му, иако била Романка. Таа го одгледувала и воспитувала, додека родителите Ѓорѓи и мајка му работеле. Дедо ми, како многу други емигранти, со двајцата, заминал во Америка околу 1900 година. Беше касап. Се сеќавам на касапницата. Другиот негов брат беше чевлар. Имаше Македонци, кои имаа ресторани. Некои беа пекари. Во градот Стилтон беше македонската заедница. Изградиле православна црква да биде срж на националниот и православниот идентитет што ги обединувал Македонците во арно и во лошо во туѓина. Бидејќи мнозинството биле од Прилеп, црквата, која и денес постои, ја нарекле по големиот прилепски храм Свето Благовештение. Лани се славеа сто години. Ги чувам сликите од градителите на ставањето темели. Дедо ми беше посветен да ги одржува обичаите од Татковината. Скокаше во мраз студените води да го фати крстот, фрлен од свештеник на Водици во јануари. Дел од Македонците учествуваа и во Втората светска војна, борејќи се против фашизмот под американско знаме – кажува американецот со прилепски ген Алекс. Семејството Кормушофи го празнувало на семејниот ден Свети Никола со посни сарми и грав по македонски рецепт. Останало и денес да се постила посна трпеза за празникот. Пред Велигден се постеше, а вечерта во сабота одевме в црква и се кршевме со црвени варени јајца. Дента со родителите собиравме јајца со посети на роднините. Тоа беше голема радост. За Василица се вртеше кора со паричка. Не се славеа родендени, туку имендени. Доаѓаа роднини и велеа “Честито име” на именденот на дедо ми и неговите браќа, а после и на татко ми. Заигруваа и оро на некоја песна – се сеќава Алекс на детството минато во дедовата куќа. Памети по некои македонски зборови. Во меморијата му оставиле печат повиците на баба му која му викала свињо една, мајмун, мочко, седи мадро кога бил немирен. Не ги заборава ниту вкусовите на сармите од расол и толчени пиперки во дрвен аван. Се засладувал со алва и локум, а баба му за тоалет велеле нужник. Била мераклија да пие турско кафе. Баба ми со нунката умееа да прават и цигари. Наоѓаа од некаде тутун и го сечеа и виткаа во цигари го сушеа и стануваа цигари како кубанските. Велеа дека тоа им било знаење од дома – пренесува Алекс. Алекс ги почитува предците. Понекогаш ги закитува со цвеќе и пали свеќа на гробовите со мермерни плочи, слики и имиња на роднините на гробиштата во Стилтон, во близина на црквата Свето Благовештение.

Loading