ОТСТРАНЕТИ ТЕХНИЧКИТЕ “ДУПКИ” И ДИНАМИЗИРАНО УРЕДУВАЊЕТО

По застојот на градбата на кружниот тек кај Радио Прилеп

 

 

Сообраќајот ќе се пушти за неколку недели 

 

Со отстранување на техничките проблеми, продолжи реализацијата на проектот голема скулптура Карпалак во центарот на кружниот тек меѓу Булеварот “Гоце Дечев” и улиците “Јоска Јораданоски” и “Борис Кидрич” кај Радио Прилеп. Локалните власти велат дека застојот од две-три недели се должел на неосоодветствување на деталниот план со состојбата на теренот и инфраструктурните подземни водови. Продолжува градбата на кружниот тек со отстранување на технички пропусти во проектите. Исколчен е просторот. За неколку дена ќе се стават рабниците. Ажуриран е подземниот катастар. Усогласена е проектната и техничката документација со просторот и подземните водови. Најдена е централната оска и утврдено насочувањето на скулптурата, која ќе се гледа со челната страна, дури од раскрсницата кај хотелот Липа. Засилено е темпото да се стасаат роковите и да се надомести загубеното време – изјави Бранко Нешкоски – директор на ЈП за просторно и урбанистичко планирање. Сообраќајниот профил ќе биде готов за неколку недели. Скулптурата ќе се постави на почетокот на годината. Споменичен комплекс “Карпалак”, посветен на загинатите бранители во конфликтот во 2001 година, ќе е репрезентативен меморијален објект. Ќе биде со десет столбови високи 15 метри кои ги симболизираат десетте животи на загинатите бранители. На врвот на споменикот ќе има топка (симбол на новиот век) со дијаметар од 3,5 метри изведена од челични прстени. Отворите на топката, обложени со бел плексигалас, ќе ја пропуштаат делумно светлината од рефлекторите поставени во неа. Платото околу односно кружниот тек ќе има зеленило. Предвидена е кружна фонтана со дијаметар од 5 метри и со десет млазници со воден столб висок до шест метри. Ѕидовите и дното на фонтаната ќе бидат украсени со мозаик од керамички плочки. Ќе има заштитен прстен околу фонтаната од гранитни плочки, а околу него прстен од трева. Третиот прстен треба да биде поплочен со гранитни коцки, а останатиот дел од островот затревен и заграден со бетонско ѕидче. Околината од пет илјади квадрати ќе се уредува со соодветни урбани реквизити, зеленило и паркинг простор.

Loading