Прилеп го спаси Зрзе

Пожарникарите од прилепската ТППЕ, екипите од ЈП “Црн бор” и од Дирекцијата за заштита, го куртулија од пожар манастирот Свето преображение кај селото Зрзе. Иако објектот е на територијата на општината Долнени, тие успејаа да го изгаснат пожарот по неколкудневна борба со огнената стихија, која се закануваше да го пеплоса споменик на културата и значајниот духовен храм. Пожртвуваноста на екипите придонесе да не биде опожарен и манастирот Трескавец, каде огнените јазици стасаа такаречи на манастирските порти, на стотина метри од објектот. Пожарите изминатиот месец предизвикаа пустош, особено во општината Долнени. Секојдневно се палеле по десетина огнови кои гореле стрништа, сува трева, шуми. За распламтувањето на огнот придонесувале и високите температури и ветерот, кој постојано ја менувал насоката и го отежнувало гаснењето. Затоа се вклучија и двата авиони – канадери. Прилепчани, за разлика од долненчани, масовно се вклучија во гаснењето. Градоначалникот Марјан Ристески, сомневајќи се дека пожарите се подметнати, побара полицијата да ги засили контролите и да се откријат потпалувачите, а наделжните органи ригорозно да ги казнат.       Командирот на ТППЕ Станко Колески рече дека пожарникарите биле на крајот на силите, оти цел месец гаснеле, особено во долненско, каде нема подготвеност за формирање на противпожарна единица. Не паметиме ваква година, освен 2001. Тогаш помалку гореше, од аспект на површините. Сега гори огромно пространство. Штетите се непроценливи, не само од еколошки, за менување на климата, туку и од изгорени објекти, оштетни далноводи, изгорени шуми кои не може брзо да се обноват – посочува Колески.

Loading