МЕТЛИ И НОВИ КАДРИ ВО ДИРЕКТОРСКИ ФОТЕЛЈИ

Можни смени на директорите на јавните претпријатија и на државните установи

Иако на политичката сцена речиси и нема некои збиднувања, а партиите не се огласуваат ниту на прес конференции за прашања значајни за општинското живеење, низ локалните политички кулоари срамежливо се говори дека ќе претстојат директорски турбуленции. Менувањата или потврдувањата на директорските функции на големо се заговараа дека ќе се случат по претседателските избори. Повеќе од сигурно е дека веќе нема одлагање. Директорската метла ќе се активира во септември. Познавачите на приликите велат дека се чекало завршувањето на годишните одмори, да не се расипува годишно одморската клима. Така, откако градоначалникот Марјан Ристески се врати од летниот одмор од Хрватска, се очекува заедно со координаторот на ОК на ВМРО – ДПМНЕ, Гоце Ингилизов  и општинскиот комитет, да седнат на маса и да го стокмат новиот состав на првиот ешалон на јавните и државните установи во градов. Се дознава дека сите позиции ќе се стават на проверка. Се шпекулира со нови кадровски решенија во прилепските јавни претпријатија. Се споменува ротации и нови директорски имиња во јавните претпријатија, како и во дел од државните. На тапет се сите јавни институции не само од локален каратер. Се вртат и имиња. Се споменуваат некои движења на прилепски кадри нагоре, за раководители на државните служби. Како и да е, нема уште готови листи со потврди за задржување на позициите или за негативна оценка и за разрешување. Пред да се озаконат смените, сé останува во рамките на нагаѓањата и претензиите на потенцијалните нови функционери со гласовите за овој или за оној човек. Ќе се анализира и работењето на Комуналец, без разлика што се “арчи” вториот мандат на првиот човек. Нема да се поштедат од чешлања и ефектите од работата во ЈП Водовод и канализација. Ќе се евалуира и работењето на ЈП Пазари. На кантар ќе се стави ангажманот во ЈП ПУП. Меѓу позициите за анализа е раководството на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа. Не е исклучено ништо и се е можно во Центарот за јавно здравје. Ќе се мерат ангажманите во Здравствениот дом и во Болницата, Музејот… Значи, столче по столче ќе се мери и премерува, и никој засега не може да се рече дека е фикс на функцијата. Засега не се потврдуваат политичките комбинаторики. Градоначалникот Марјан Ристески, чиј приоритет изминатиот период беше успешното организирање на Пивофестот, сега повеќе време ќе може да посвети на ставање на вага на аргументите за овој и за оној и донесување на одлуките за нови кадровски решенија со цел да се постигнат поголеми ефекти во делувањето на претпријатијата и установите. По директорските преместувања во јавните претпријатија се заговара и смена на директорите од вториот ешалон кога ќе бидат опфатени и директорите на основните и средните училишта.

Loading