ПРОСТУМОТ И МОКУМОТ НА ПРИЛЕП

Десет години од жртвите на Карпалак

Nikogas ne preboleni megu clenovite na semejstvata

Не престануваат сеќавањата на непокорниот Прилеп за трагедијата на подмолното убиство на десетмината прилепски бранители кај Карпалак на 8 август 2001 година. Родителите, семејствата, државни, локални, партиски,  воени и други делегации достојно се поклонија на споменикот на жртвите на Карпалак пред десет години – Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Горан Миноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељановски, Веби Рушидоски и Пеце Секулоски. Десетмината, заедно со стотината соборци, тргнаа кон Тетово во два автобуса во одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на татковината. На патот Скопје – Тетово, кај месноста Карпалак од заседа беа пречекани и гранатирани. На комеморацијата кај споменикот “Карпалак”, висок 18 метри, на чиј врв пулсира топка, која симболизира вечност, градоначалникот Марјан Ристески, кој беше еден од стотте бранители во автобусите кога загинаа десетте прилепски бранители, побара да се откријат имињата на извршителите на кукавичкиот акт. Очекувам во скорешна иднина, случајот да се расветли целосно и да се жигосаат виновниците за масакрот. Негуваме надеж дека Владата ќе продолжи да се грижи за семејствата. Преку споменикот Карпалак, градот ги стави своите синови во славниот дел на историјата. Десетте столбови на паметникот ги симболизираат десетте бранители. Тие се вечен светилник на сите Македонци. За присет, десет улици ги носат нивните имиња. Издадена е и монографија. Сепак, болката не се потиснува, оти Карпалак е непребол и тага, но и гордост и непокор – рече Ристески. Министерот за здравство Никола Тодоров изјави дека Прилеп и Македонија горди го проживуваат нивниот незаборав. Почит за големите јунаци и да не се заборави дека Македонија имала, има и ќе има храбри синови, кои секогаш се подготвени да застанат на браникот на татковината – рече Тодоров. Живи се десеттемината во срцата на најблиските. Не ја отвораат душата да говорат за откинатото парче од срцето. Ацо Јованоски – Реган, еден од возачите на автобусите на конвојот за Карпалак, вели дека човечки е да се простува, но да не се заборава. Добро што се презедоа коренити потези за помирување. Можеме да простиме, но не смееме и не сакаме настанот да отиде во заборав. Големо споменично здание е историја, сведоштво за загинатите и генератор на патриотските чувства на идните поколенија – вели Јованоски. Оценува дека заседата била во функција на притисок за потпишување на рамковниот договор. Шеесетгодишниот возач во пензија смета дека конфликтот не бил судир, туку војна за територија на агресор. Беше увезена војна, а не конфликт. Во конфликт има расправа, кавга на висок тон, која може да заврши со шлаканица или тупаница. Кога се посега по оружје, кога се пука и се губат човечки животи, тоа е војна на агресор – смета Јованоски. Пренесува дека бранителите не се согласуваат учесниците од ОНА да добијат државни пензии. Претставникот на резервните воени обврзници Јордан Трајковски е револтиран од толувањето на амнестијата, меѓу кои и за нападот на резервистите кај Карпалак. Би ја прифатиле амнестијата како нужност, ако амнестираните ја признаат грешката, се извинат пред јавноста и ги посетат местата – вели Трајковски.

Откорната и вратена плочата кај Карпалак

По одбележувањето на годишнината од Карпалак на автопатот Тетово – Скопје, непознати сторители ја откорнале спомен плочата и ја фрлиле крај патот. Полицијата ја нашла, неоштетена и повторно ја поставила, трагајќи по сторителите. Марија Секулоска, ќерка на загинатиот Бранко Секулоски, чинот го оценува за вандалски. Жалам што удираат ниско по достоинството на загинатите. Се прашувам каква “среќа им носи” сквернавењето на спомен плочите кај Карпалак. Тоа ни малку не е знак на култура, уште помалку човечност – вели Секулоска, која истакнува дека колку и да се уништива плочата, толку повеќе ќе се обновува. Игор Петрески, претседател на здружението “Карпалак” смета дека уништувањето на спомениците е најголем цивилизациски грев. И во Авганистан, Талибанците уништуваа споменици, но, којзнае кое е  сквернавење на плочата кај Карпалак, претставува чепкање по моштите на загинатите, разорување на раните на семејствата и на нас, нивните соборци. Така не се влијае на стабилноста на меѓуетнички односи и не се зајакнува Охридскиот договор – вели Петрески. Градоначалникот Марјан Ристески го осуди чинот, оти смета дека секое отстранување или кршење на спомен плочата предизвикува револт и болни емоции. Крајно време е да се откријат и оние кои постојано ја уништуваат плочата – изјави Ристески. Спомен плочата на бранителите досега неколкупати беше отстранувана, но сторителите не беа никогаш најдени.

Планинарски марш за Карпалачките жртви

Околу педесетина планинари на друштвата “Картуш”, “Јане Сандански” и “Козјак” го испешачија традиционалниот осми, меморијален марш “Карплак” за десетгодишнината од загинувањето на десетте прилепски бранители. Врелото сонце не им пречеше, високата температура и потта не им создаваа мака, во намерата со пешачење да оддадат почит за бранителите. Походот беше долг петнаесетина километри од селото Селце, па кон Дуна Нива, до споменикот на бранителите во месноста Устрелец на Селечка Планина. Го посетија и планинарскиот дом “Томе Темелкоски”, за да се вратат дома, горди што се прилепчани.

Loading