Одбележан државниот празник 23 Октомври
Почит кон великаните кои ги удрија темелите на македонската револуционерна борба, која потоа преку Илинденското востание, НОБ и АСНОМ и референдумското изјаснување, доведе до формирање независна држава, величествено оддадоа градоначалникот Марјан Ристески, претседателот на Советот Никола Димески и пратениците Ане Лашкоска и Димитар Стеваанџија. Цвеќе на спомениците на револуционерите со прилепски корен, Пере Тошев и Ѓорче Петров, кои се наоѓаат во централното градско подрачје, положија и делегацииите од ОК на ВМРО-ДПМНЕ, коалиционите политички партии, претставниците на боречката организација и здруженија и граѓани. Не се заборавија ниту моштите на загинатите на Могилата на непобедените кои се жртвуваа за слободата.
Празникот 23 октомври е ден кој сведочи за решителноста и стремежот на народот за своја независна држава, а должност и аманет е да се чува и пренесува на идните генерации.
Во честитките до илјадниците граѓани за државниот празник, локалните челници ја истакнаа вербата во просперитетна Македонија, упатувајќи порака за посветено чување на придобивките од претците.
Одбележувањето на празникот мина со низа свечености кои го збогатија празничниот миг во чест на денот кога во Солун на 23 октомври 1893 година се родила идејата за формирање на Внатрешна Македонска револуционерна организација.
МОЗАИК И СКУЛПТУРИ
Во рамките на одбележувањето на празникот се постави мозаик со ликот на Гоце Делчев изработен од уметникот Стеван Кавкалески, како и три мермерни скулптури од ЦСЛУ како дел од проектот “Прилеп, галерија на отворено”.