ДА ЈА ОТВОРИМЕ ПОРТАТА, И СИНИЈАТА ЗА ПРИЛЕПЧАНЕЦОТ

Ирена Јакимоска од Комфи Ангел, домаќин на празникот Свети Никола:

Пораки за љубов, почитување и одговорност за градот и државата испрати генералниот менаџер Ирена Јакимоска од компанијата Комфи Ангел која по втор пат беше домаќин на градската слава Свети Никола. Во мошне емотивниот и со поента говор пред прилепчани, таа повика да се направат промени во секој граѓанин, да продолжи традицијата, верата, вербата и почитта кон предците. Како општествено одговорна компанија во речиси две децениското традиционално одбележување на празникот, тие беа вторпат домаќини заедно со локалните власти, а в година домаќин ќе биде само Локалната самоуправа на чело со градоначалникот Борче Јовчески.

 – Велат дека епитет на прилепчани е дека сме биле добри домаќини, дека ја отвораме нашата порта, нашата синија и нашето срце искрено, ама за тужџите. Не за нашите. Ајде денеска овде, на Свети Никола, да си ветиме дека нема да бидеме “туждџи” едни со други. Дека ќе си ја отвориме портата, срцето и синијата на прилепчанецот, на братот, на сестрата, на комшијата, на колегата и искрено ќе си ги сакаме. Да го надминеме лошиот епитет кој нé носи дека не можеме да поднесеме успех! Дека не сакаме луѓето да бидат успешни, дека се радуваме на нивните несреќи. Не! Како што кажа мојот омилен владика и му благодарам што постои.

Во нас е проблемот! И само во нас е решението! Ако можеле некогаш нашите предци во црквата Благовештение каде бевме и каде уживавме, каде што истото сонце греело од тоа мало пенџерче, и нé милуваше, во тие тешки времиња без технологија, без држава, без ова што го имаме денес да изградат онакво нешто во борба со тие од кои биле поробени тогаш, факт е дека Турците владееле, Турците им го овозможиле тоа. Ако тие можеле да направат такво здание, зошто ние да не можеме да го одржиме? Каде е проблемот? Во нашите предци – не!

Нив треба да ги величиме и да им кажеме овде – ви благодариме што сте постоеле, бидејќи и заради вас постоиме овде и заради вас го имам најголемото богатство – семејството! Да се запрашаме зошто не сме способни, а сме поедуцирани, пообразовани, поинформирани, да го задржиме она што предците го дале и за него толку тешко се бореле. Одговорот е во нас. И промените се во нас.

Мислев дека е чиста про форма кога Тоше Проески велеше: “Ве сакам сите”!  Сега го сфаќам зошто го велел тоа. Тој во суштина си го сакал својот народ. Само бил нескромен, бил искрен и го признал тоа. Зошто се плашиме да си признаеме дека се сакаме. Само тоа е изворот на нашето решение. Сите ние се крстиме. Стопати во денот, сто молитви, а забораваме на суштината на нашата религија. Тоа е љубовта. Ништо друго нема посветло од љубовта!!! Љубовта спрема Бога, спрема родителите, спрема државата. Само 123 земји во светот имаат држава.

Такви среќници, сме и ние, нашиот народ. Љубов спрема државата, спрема сопственото дете, спрема колегата, спрема претпоставениот… Суштината на проблемот е во нас. Ние можеме да го решиме. Комфи Ангел вторпат е домаќин. Со оглед на тоа што мисијата и визијата на компанијата е да креираме компанија што ќе постои и после нас и 100 пати ќе биде домаќин!! Знаете зошто? Затоа што опстојува во Прилеп, целата додадена вредност ја создава во Прилеп, со прилепчани. Како да не вратиш некаде каде што нешто создаш?!  Кога Бог ти овозможил да создаваш, имаш обврска морална, одговорност да вратиш во тоа општество. Комфи Ангел уште многупати ќе покаже дека е достоинствен домаќин – рече Ирена Јакимоска, генерален менаџер на Комфи Ангел.

Во духот на традицијта Општина Прилеп в година, пак ќе биде домаќин на празникот кој го слави речиси секое второ семејство.

– Традицијата претставува идентитет на секоја држава. Нешто што не прави горди нас како прилепчани е токму ова чувањето и негувањето на вистинските вредности, верата, традицијата и историјата. Затоа нашата Локална самоуправа ќе продолжи да го развива актуелното творештво, а исто така и да ги чува и негува локалните традиции и духовноста, обновувајќи го Прилеп како препознатлива дестинација во која ќе може секој гостин добронамерник да не посети и да го доживее духот на вековното традиционално наследство – рече градоначалникот Борче Јовчески.

Организирано градската слава Свети Никола се прослави по 18-ти пат. Првпат годинава се одржа литија во чест на празникот. А, настапи и поп дивата Калиопи.

Loading