НОВ КРСТ НА БЛАГОВЕШТЕНИЕ

Пред храмовата слава, Светото Благовештение, поставен е нов крст на покривот на Стара црква или како што милуваат да ја наречат свештениците, на прилепската “светиња”, односно црквата Свето Благовештение.

“Нека овој победоносен Христов крст трае низ времињата и сведочи за верните прилепчани”, порачаа од прилепското намесништво.

Инаку, празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април. Меѓу народот повеќе е познат како Благовец се смета за тежок празник. Кога покрај прозорецот Света Дева Марија го читала Светото писмо, во книгата на пророк Исаија прочитала дека “ Девица ќе зачне и ќе роди син и ќе му го дадат името Емануел”, возбудено помислила дека кога би знаела која е таа девојка би и служела до крајот на животот. Во тој момент до неа долетал ангелот Гаврил кој и соопштил дека таа е девојката одредена од Бога што ќе го роди Спасителот. Во чест на таа блага вест што ангелот и ја пренесол на Света Дева Марија, црквата го востановила празникот Свето Благовештение, што се празнува точно девет месеци пред Божик.

Благовец е благ ден. Тогаш се верува дека и раната не боли, па на малите деца им ги дупат ушите за обетки. Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници. Марко Цепенков оставил прекрасен запис за излегувањето на змиите и други верувања поврзани со нив. “Во истиот ден Благовец, штотуку ќе болсни сонцето и до што има змија во земјата сите ќе излезат да видат бел ден и благ ден. Не било возможно на ден Благоец да касни змија чоек, али имање. Гази и тепај и кошкај со нозе, ваќај и со раце, што сакаш прај му, не било чаре да те каснат, чунки биле блази како денот што је благ “.

На Благовец се јаде риба. По повод празникот утрото се служи света архиерејска литургија.

Loading