МАЗНИК СО ПАРИЧКА ЗА СРЕЌА ЗА ВАСИЛИЦА

Прилепчани масовно ги слават и почитуваат традициите. Василица или стара нова година се слави на 14 јануари според јулијанскиот календар. Тоа е празник на целиот православен свет. Се слави именден и куќна слава каде Свети Василиј е заштитник. Кај нас најмногу се препознава како ден кога се бара среќата во годината преку паричката во мазникот. Некаде паричката се става во лепче за Бадник. Ние го ставаме на Василица. Се собира семејството. Домаќинот трипати ја врти тепсијата со мазник, месен рачно, а денес во мазник со кори или бурек, со молба за здравје, успех, благосостојба на членовите. Се сечат толку парчиња колку што има членови семејството и едно за куќата и Господ. Оној кој ќе ја најди паричката ќе биде среќен цела година. Порано, побогатите ставале златно паре, алтанче. Другите со парето купувале сол. Денес, солта е ефтина, па паричките се ставаат пред домашниот триптих на иконата Богородица, Свети Климент и Јован Крстител.

Василица Прекрасна, Царевна, Премудраја, Василиј Велики – цар византиски, кнез на Нов город, архиепископ од времето на цар Константин надарен за наука, за морална чистота… Славењето “имиња” доаѓа од Бугарија. Таму слават имендени. Србите прават слави. Прилепчани се космополити. Некои слават именден, некои слава – заштитничка Василица… Во Охрид се чести и име Царевна. Обично, името се чести на мажот, како глава на семејството, а не на жените. Ние сме понапредни и им честиме и на жените.

На Василица било обрежувањето на Исус по законот на Израел. Денот на обрежувањето е 1 јануари по грегоријанскиот, или 14 јануари по јулијанскиот календар. Василица е Нова година. На 14 јануари се слави во Русија, Србија…

Во 1969 г. кај нас е направен обид Божик да се премести на 25 декември, а Нова година на 1 јануари. Се сметало дека тоа е покатоличување и идејата пропаднала. Практични се причините, зашто календарот не подлежи на догми. Го составуваат луѓе. Јулијанскиот е по Јулие Цезар, а Грегоријанскиот по папата Григур. Двата не се совршени. По јулијанскиот Божик е на 7 јануари, а Нова година седум дена потоа. Тогаш се божикните пости, а за Нова година секој сака да се “омрси”, а не да јаде грав или посни сарми. Значи, се прекршуваат верски канони.

На Василица се врти мазник со паричка, се фрла коцка да се виде кај кого ќе биде среќата. Понекаде во Македонија зетовите одат на колбаси кај бабите и на сурово месо, кое го собираат и потоа палат Василичарски огнови каде вкусуваат печено со ракија. Некаде има и карневали за истерување на духови…

Накитот во лепчето

Лебот е нужност за живот и го симболизира телото Христово. Во времето кога Божјиот угодник Свети Василиј Велики (330-379) стана Архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој бил многу алчен и груб, доаѓал со војскат да го ограбува градот. Кога на Свети Василиј му јавиле дека епархот доаѓа, тој побарал од богатите во Кесарија да го донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигнал, Свети Василиј го пречекал и му го понуди богатството. Епархот се изненадил и по некое чудо се засрамил. Одбил да го земе богатството и не го ограбил градот. Никогаш повеќе не се вратил, ниту им здодевал на верниците од градот. Свети Василиј останал со сиот накит и златници на Новогодишната вечер. Не знаејќи што на кого му припаѓа, просветлен од Господ, ги замоли, фурнаџиите да направат мали лепчиња за секој верник. Во секое ставил нешто од накитот и златниците. На Новата Година, кога сите луѓе дошле в црква, тој на секого им поделил по едно лепче. Тоа што секој го нашол во лепчето било токму тоа што претходно го дал.

За спомен на овој настан до ден денес се практикува на денот на Свети Василиј Велики, односно на Новата Година да се меси лепче со паричка.

Loading