ЖЕНСКО ТЕЛО ЗА ПЛАТНО

Веле Лучески – Велјо, уметник со неконвенционални техники

– Црта портрети со молив, бои со спрејови, “мачка” детски образи, создава уметнички накит и слика домашни мурали по ѕидовите

Vozbudliv pohod po novi tehniki vo umetnickiot beskraj -  Vele LuceskiТкае уметничка приказна Веле Лучески, викан Велјо во овие тешки времиња за духовната сфера. Слика, црта, создава женски украсни ракотворби. Бил и во музичката естрада, ама се откажал од менаџерскиот ангажман. Го водел и балетското студио “21”. Вели дека иако уметноста е благодарна, сепак е неисплатлива. Не се предава и не крева раце Велјо, кој го добил и го задржал прекарот по еден лик од филм. Се дефинира како слободен уметник кој никогаш не мирува и секогаш е во потрага по нешто ново, поинакво. Никогаш не е далеку  од културата, зашто “му било пишано”, судбина или ген, животот да го дели со уметноста.

Почнал да твори уметнички дела во спреј техника, потоа го зел во рацете моливот да креира во графичка метода, а во последно време привлечно му станало цртањето, односно декорирањето на ѕид. Најнов домен на неговата уметничка преокупација е фејс пеинт, цртање на лица на деца на роденденски забави. Се стреми да биде авангарден уметник, секогаш нов, “фреш и тренди”, да изненадува со техники и дела.

Љубов за сликање

Од мали нозе открил дека го “мами” и влече уметноста. Тоа го препознал и наставникот, поставувајќи му слики кои требало да се наредат по некој ред. Случајно или со дарбата во крвта ги дотерал на дел на слики со мртва и дел со жива природа. Се фокусирал на сликањето и се потврдувал со награди на конкурси. Постојано бурно горела љубовта кон уметноста во неговата душа. Немирниот дух го движел во уметничкиот бескрај, иако малку го ставал на страна цртањето. Во битката за егзистенција открил дека е можно да се вади уметнички леб со сликање во спреј техника. Купил спрејови во различни бои и креирал слики, поврзувајќи ја уметноста со бизнисот.

– Тоа е специфична техника, со која се твори на место. Изгледа интересно и атрактивно за вниманието на набљудувачите. Брзо се дизајнира дело, бидејќи спрејот се суши. Нужна е вештина на јуречко создавање. Главно се сликаат планети, но не е исклучено на хартијата да се мешаат боите на спрејовите мотивирани од природата. За да делам од другите, сликите ги создавам и на винил, на грамофонски плочи. Делата се поимпресивни, а и финансиски поисплатливи. За 25-30 евра на винил е солидна награда за уметничкиот труд, во споредба за двојно поефтината верзија на хартија – вели Велјо.

Инспириран од колегите кои творат со молив, ги ставил на испит “среќата” и талентот да создаде хиперреализам, што изгледа близу до на автентичната слика како црно-бела фотографија. Со доста тренинг успел да ја совлада техниката. Иако во цртањето на слика во А3 формат се вложува уметнички труд од 25-30 саати, сепак проверката излегла успешна со фантастичен финален “производ” на портрет.

– Цртањето е храна за моето срце. Се чувствувам радосно, оти сликањето со љубов ми е ќеф, а не товар. Се препуштам на фантазијата, во зависност од инспирацијата, и уживам подолго или покусо време. Моливот лета на хартијата, постепено оддавајќи ја идејата со сенки. Дури и во ситните нешта наоѓам мотив. Ми лежи темата жена, оти, сé се врти околу жените… – во иронија зборува Велјо.

Срценце и Бетмен на образот

Техниката фејс пеинт е за во игротека. Се нуди пакет со цртање за поситуираните родители. Машките деца сакаат да им се нацрта на лицето Бетмен, Нинџа желки, а девојчињата повеќе срца, ѕвезди, дури бараат и тематски, по детските филмови и цртани.

– Ова е новина која тешко се пробива, за да стане роденденот незаборавен. Боите не се штетни, еколошки се, и се црта дури и на усните и може да се лиже без опасност – кажува инвентивниот уметник.

За него, човечкото тело е добро платно.

– Сонувам цртање на човечко тело. Но, конзервативна е средината. Тешко се најдуваат модели. Да кандисам некој човек да ми го остави телото за сликарско платно, ќе создадам ремек дело. Тоа после ќе го фотографирам и ќе направам изложба – вели Велјо.

Најнов жанр на уметноста му се 3Д сликите, исклучиво со материјали од природата, пред сé од дрво. Ова поле е неисцрпено и има перспектива.

И создавањето на уникатен накит е негов фах. Му се допаѓа, оти  нема копии, сé е оригинално, неповторливо како бујната фантазија.  Плод на имагинацијата се комбинации на мултифункционален накит, а техниката е тајна.

– Материјалот е флексибилен и клиентот може да го прилагодува по свој вкус и мерка. Претежно е за млади, за луѓе со слободен дух, кои бараат возбуда во накитот. Се создава и ексклузивен  накит за жени и унисекс бижутерија – вели Велјо.

За сликањето по ѕидови нема некој посериозен локален одѕив. Уметничките мајстории ги преферираат во Битола, Ресен…

Уметникот е надарен не само за молив, четка и спрејови, туку и за стихови. 

Loading