СПОЈНИЦА – “СПАЈАЛИЦА”

ivce1За прашалните реченици сме пишувале и порано. Темата е мошне широка. Нема да ја отвораме. Ќе набележиме само некои очевидни грешки. Обично, во прашалните реченици, веднаш по прашалниот збор доаѓа глаголот. Но, во програмите на нашите телевизии не се води сметка за тоа. Ќе посочиме неколку примери. На една национална телевизија се емитува контактна програма. Обично, се поставува некакво прашање, а потоа се јавуваат гледачи кои коментираат на односната тема. Еве, едно такво прашање: “Како цигарите, храната, алкохолот, стресот, кафето, телесната тежина, влијаат на крвниот притисок?“ Рековме дека по прашалниот збор треба веднаш да дојде глаголот. А, еве, гледаме дека по прашалниот збор КАКО, глаголот ВЛИЈААТ доаѓа некаде далеку на опашката од реченицата. Правилно, реченицата треба да гласи: “Како ВЛИЈААТ на крвниот притисок цигарите, храната, алкохолот, стресот, кафето и телесната тежина”? Ваквите грешки се редовни на телевизијата Канал 5.

Пред некој ден, на Прва програма слушаме: “Што вечерва ќе се случува во Скопје”? Нормално, погрешен е редот на зборовите. Точното е: “Што ќе се случува вечерва во Скопје”? Еве уште една грешка на истата телевизија: “Што друго ќе гледате”?, наместо: “Што ќе гледате друго?“. Овие недоследности најмногу доаѓаат под влијание на српскиот јазик. На пример, Србите велат: “Шта ти мислиш?“ а нашиве новинари го преведуваат: “Што ти мислиш?“ наместо “Што мислиш ти?“.

Пред извесно време слушавме во една емисија нешто во врска со некој нов закон. Новинарката му поставува прашање на соговорникот: “Што ново донесува законот” и “Што со новиот закон ќе се подобри”? А зошто да не биде, како што треба: “Што донесува новиот закон” и “Што ќе се подобри со новиот закон”? Тоа е правилниот редослед.

Големо е влијанието на српскиот јазик, а пословична е нашата негрижа. Има многу случаи кога се употребуваат српски зборови и тогаш кога имаме наши. Се случува дури и некогаш на луѓето попознат да им биде српскиот збор од нашиот. Ќе набележиме еден пример кој ни се случил нам лично. Држевме во рацете неколку листови, всушност, неколку различни документи. Требаше да ги предадеме на определено место и сакавме да ги споиме за да не се растураат. Немавме спојница. Наблизу имаше повеќе агенции кои се занимаваат со разно – разни документи. Помисливме дека кај која и да е од нив ќе најдеме една спојница. Влеговме, ја замоливме девојката која седеше на бирото, да ни даде, ако има, една спојница. Девојката гледа и не разбира што бараме. Се обидува да биде љубезна. Препрашува што бараме. Велиме дека ни треба една СПОЈНИЦА. Моравме и да ѝ објасниме што треба да направиме со документите, да ги СПОИМЕ. “А, СПАЈАЛИЦА барате! – извика девојката, – па така кажете“! Најпосле се разбравме. И се заблагодаривме а таа се извини што не разбрала веднаш за што станува збор.

Ќе набележиме уште една грешка. Слушаме на една наша телевизија дека во Македонија дошол хирург од Франција и овде ќе извршувал пластични операции. Една докторка објаснува нешто околу начинот, околу техниката на таквиот вид операции. Вели дека се зема парче од некој дел на телото и се поставува таму каде што треба. Објаснува дека најдобро е да се земе парче од БУТИНИТЕ. А зошто не од БУТОВИТЕ?! Еднинската форма на оваа именка е БУТ. Множинската – БУТОВИ, а не БУТИНИ.

Многу грешки, многу невнимание.

Благоја Ивчески

Loading