ПЕСНАТА Е ЛЕК ЗА ДУШАТА

Миле Даскалоски, мераклија за песна

Велат кој пее, зло не мисли. Таков е и прилепчанецот Миле Даскалоски (62) кому песната му е живот. Оние кои го познаваат, знаат дека Миле не пее, само кога спие. Нема момент, период од денот, а да не му разлева песната од грлото. Доколку е во кафеана, задолжително има свој аматерски настап. Песната му е придружник, и додека вози автомобил, и кога ги извршува секојдневни обврски. Пее откако знае за себе.

Задоволството од музиката го преточил и во подарок до внуците. Им нарачал 4 песни, кои ги пее со ќеф. Колку внуци, толку песни. А во нив, во секој стих, по некоја порака. Излив на нежност, љубов, гордост, радост. Песните за внучињата му се како шлаг на тортата, круна на меракот за пеењето. Кога ги пее, му се разгалува душата, му бие срцето во ритамот на радоста.

– За сите четири внуци, два од синот и две внуки од ќерката, имам испеано по една песна. Текстот и композицијата се по моја желба, а ги изработи прилепски автор за народни песни. Првата е “Михаил – дедова прва радост”. Насловот доволно зборува, а во неа се опишува дека тој наликува на мене. Има еден стих во песната кој вели, ти си пупка од мој прв цвет. Се враќаме од снимањето со Михаил, и тој ме прашува, дедо, што е тоа “трупка”? Излеговме во дворот и му покажав, ова е цвет, тоа е татко ти, а пупката си ти! Втората песна е за внуката Каја која има наслов “Еј Каја убавице”. Има песна и за третото внуче, Јован и за четвртото, Анастасија во која е опена желбата да дочекаме свадби – објаснува Миле Даскалоски, мераклијата за песна.

Дарбата за пеење се пренесува и на внуците, па така Анастасија (3) ја пее Македонско довојче, а пак заедно со дедо си песната за Милица, од Наум Петрески.

Миле Даскалоски кога оди во ресторан, не може да биде рамнодушен на музиката односно да биде гостин кој би седел крај масата и би слушал песни. Штом ги чуе акордите, тој не може да дотрае. Веднаш рипнува од столица и почнува да пее. Не само за себе, туку сака да го слушаат и посетителите. Станува дел од музичката група. Го грабнува микрофонот и почнува забавата. Ќеф за душата и изненадување за посетителите. А, вчудоневиденост и кај музикантите за тоа како некој гостин толку убаво пеел. Секогаш станува да запее песна, им се придружува на музичарите.

– Не само во Прилеп и Македонија, пеам и во Грција, во Лутраки, во Србија. Музичарите откако ќе почнам да пеам, ми велат продолжи. Некои пак, само штом ќе ме видат велат ајде, ми го даваат микрофонот и ми велат во шега, ајде малку замени биди ни. Доколку во некој ресторан нема да ми дозволат, се обидувам на било каков начин да дојдам до микрофонот. И по првата песна, ми викаат, не престанувај, а другите гости ми лепат пари – раскажува Даскалоски.

Ги сака сите песни. Му лежат на душата старите македонски народни песни кои имаат бесценета вредност. Омилени му се и песните од јупросторите. Од Халид Бешлиќ,  Мирослав Илиќ и други. Нема место каде не пее, ниту време кога не пее.

– Текстовите за да ги научам, прво ги печатам на хартија. Така на пример, песната за Милица од Наум Петрески ја научив додека со сопругата патуваме до Штип и Дојран, и назад. Нон – стоп ја пеев – раскажува низ шега даскалоски.

Музичкиот корен во фамилијата го влече од мајка му Веселинка која пеела постојано. Се сеќава дека како петгодишно дете во куќата на дедо му Најдо имало постојано гости и само се пеело.

– Пееше и татко ми Живко со неговите зетовци, шуревци. Имам тетка во Америка, 86 години која убаво пее. Пеат и моите браќа близнаците, Киро и Пецо. Пецо особено ја сака песната “Сум се родил тука во Америка” – вели Даскалоски.

Музиката му е храна, секојдневие. Не може, а да не пее. Нема веселба без песна. Станува и легнува со песна на усните.

– Тоа е животот. Подбро музика, отколку нервози. И кога си нервозен, пеј си. Желбата е голема, сакам да пеам. Убаво ми е на душата, како нешто во мене да се покренува, ми се ослободува убаво чувство и расте расположението.  Моето животно моето е пеј и само пеј. Песната е лек за душата – вели Даскалоски.

Требало да настапува и во емисијата “Никад није касно” и да блесне на подиумот. Но, од објективни причини не отишол. Се среќавал со учесници од емисијата и си пеат за душата.

Бил земјоделец, автолимар, кафеанџија, механичар. Бизнисот со отпадот го наследил син му.

Loading