ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ – МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 21

Следниот ден Манол имаше треска. Си зготви со тешкотија супа и полека ја испи, истурајќи малку од течноста на масата, бидејќи раката со која ја држеше лажицата му се тресеше и со своите движења одбиваше да го послуша како што треба. Ја погледна раката, потоа и другата. Стана и отиде кон ѕидот на кој беше обесено малечкото огледало за бричењето.

Каде ли ова го фатил? Рацете и лицето го гореа како попарени со жешка вода. Се сети за ледената струја и чувството на жештина по неа од минатата ноќ, кога ја отвори вратата да види што се случуваше во коридорот. Сигурно така го добил ова, ама што е точно?

 “А, вие уште сте овде!”, рече гласно. Почнуваше да го одликува тоа “нешто” или “некој”. А можеби “некоја”? Тоа беше некаква јасна миризба, што не можеше да се дефинира, не беше непријатна и се чинеше дека се движи низ просторијата. Миризба, такаречи, “точно ограничена”. Не се простираше низ целата соба, туку остануваше концентрирана на различни места, како да беше нешто тврдо. Се сеќаваше како се преместува: близу до креветот, до вратата, накај плакарот, или, пак, “седеше” до масата.

 “Слушајте, – зазборува Манол, – кој и да сте, штом сте овде, тоа значи дека сте присилени на тоа. Претпоставувам дека се криете. Ве бараат. Инаку што би дошле да правите во мојава сиромаштија, во мизеријата и самотијата на старец како мене? Е па добро, останете, примете ги моето гостопримство и друштво. Останете колку што сакате, послужете си јадење, ве канам од сé срце. Правете како да сте кај вас дома.”

Миризбата дојде сосема блиску до него. Манол ја почувствува без да ја види. Продолжи:

 “Само не можам да ви го понудам мојот кревет. Премногу е мал. Стар сум и изморен. На тоа згора имам треска. Вашите преследувачи ноќеска ми ги подгореаја рацете и лицето. Извинете ме, одам да легнам”.

На тие зборови, неколку листови хартија на полицата се разлетаа низ собата. Потоа полека се вратија на местото и се наредија еден на друг како што беа пред тоа.

 “Добро, гледам дека ме слушнавте и ме разбравте. Признавам дека вашето друштво ми се бендисува.”

Поминаа дни и ноќи. Изнемоштен, Манол немаше повеќе сили да станува и да си приготвува јадење. Бладаше, оган го гореше или штракаше со забите од студ. Понекогаш, во моменти на луцидност дискутираше со миризбата уште присутна во собата. Често пати “ја чувствуваше” блиску до прозорецот, како да гледаше надвор.

Една ноќ светлините пак затанцуваа во ходникот и ги чу шумовите како минатиот пат. Миризбата дојде блиску до креветот, како да му бараше да ја заштити. Исплашена беше, многу исплашена. Тоа го осети старецот јасно како тој страв да беше нешто тврдо, материјално. Ама неговата соба, или, пак, тој самиот, треба да претставува непреминлива заштита за силите кои ја бараа “миризбата”, оти тие ниту еднаш не го поминаа прагот од вратата.

Низ пукнатината под вратата ги гледаше пламените, но немаше сила да стане и да отиде да погледни во коридорот. После тоа дојдоа однадвор до прозорецот. Миризбата речиси тогаш легна врз стариот. Вртејќи ја со тешкотија главата тој се загледа во ноќното мастило надвор. Таму стоеше некаква модрикава светлина. Ама каква светлина! Никогаш немал видено нешто такво. Светлина тврда како штица, или како некоја широка светлинска лента што е навиткувана или одвиткувана по волја од некоја невидлива кутија што потсетува на механизмот од железен метар со пружина. Не, старецот не познаваше зборови да го опише она што го гледаше или што го осетуваше со своите други чула.

Продолжува

Loading