ЦРВЕН, ПАМЕТЕН И МРСЕН ГРАД

Болоња          

Ако сакате да го почувствувате духот на средновековите тогаш посетете ја Болоња – седмиот град по големина во Италија и главен град на најбогатата италијанска покраина Емилија Романија. Град препознатлив по црвените фасади на историските објекти, по храната и секако по Универзитетот. Често се слуша образование по Болоња. Тоа е градот каде има илјадници студенти од целиот свет во најстариот Универзитет во Европа. Болоња се нарекува и гастрономски град, бидејќи одлично се јаде. Шпагетите ,,болоњезе,, се дел од одличната понуда на храна.

При стапнувањето во центарот, градот освојува, што би се рекло на прва. Стариот дел плени, се чувствува енергијата околу со многубројните кули и аркади во должина на сите поголеми улици, за што се вели дека кога си во Болоња и кога паѓа дожд не ти е потребен чадор. Болоња е под заштита на УНЕСКО.

Зошто се посакува да се види Болоња?

Заради значајните културно историски споменици, специјалитетите од храна, но и заради посебната енергија. Накусо, тоа е град во рамнината, меѓу реката По и Апенинските планини. Од Рим е оддалечена околу 400 км,, а поблиску се Милано, Верона… Раскрсница е кога се патува од север кон југ.

Името го добил по галското племе Болије, изведено од староримскиот назив на градот Бононија. Денес има повеќе прекари поврзани со градските посебности. ,,Образована Болоња,, заради најстариот Универзитет, ,,Кулеста Болоња,, заради многубројните кули низ стариот дел од градот, ,,Дебела Болоња,, заради познатата италијанска кујна и вкусните тестенини, ,,Црвена Болоња,, заради црвената боја на објектите. На прв поглед го привлекува топлата доминантна црвенкасто портокалова боја (теракота) на зградите, пространите улици и тишината. Центарот е голем, одлично зачуван. Го сочинуваат два плоштада Маџоре и Нептуно. Заштитен знак се накривените аркади портико, изградени низ бројните улици. Тука може со часови да се шета, без да те фати сонце, кога е лето, дожд или снег во есен и во зима. Должината на аркадите е 45 километри. Напоредно се наоѓаат многу продавници, што се одлична можност за шопинг.

Плоштадот Маџоре е средиште на историскиот дел. Туристите воздивнуваат кога ќе ги погледнат градбите околу фонтаната на Нептун. Тука е Палатата Подеста. Базиликата Св. Петронија е градба од 1393 година која вреди да се види, бидејќи е една од поголемите во светот. Внатре, иако има постојано многу луѓе, се чувствува мирот и спокојот. Двете кули, Азинели и Корисендо, се обележјето на Болоња. Предизвикот да ги качат многуте скали е голем но нема умор за фантастичниот поглед. Треба да се види и храмот Мадона Ди Сан Лука, до кој се стигнува под портиците, кои ги штитат граѓаните од дожд. Најстариот е од 11 век. Вниманието го одвлекуваат различните украси од различни периоди, средновековни, готски, ренесансни. Плоштадот Сан Стефано е преубаво место, вгнездено меѓу улиците на стариот град.

На крајот некој ред и за Универзитетот кој е средиште на студенти од цела Европа. Престиж е да се собира знаење, бидејќи е најстариот основан во 11 век. Болоња е и град во кој е потпишана заедничката декларација на европските министри за образование со која е започната реформата на високото образование.

Грев е во Болоња да не се вкусат шпагети, пармезан, балзамико, тортелини… Највкусни се од цела Италија. Популарните болоњезе ги има во секој ресторан. Се прават со говедско месо, сланина, целер, лук, бело вино, млеко, домати. Во центарот има бројни ресторани, дури и на покривите на зградите. Сладоледот е посебно задоволство. Една од најдобрите слаткарници е Џани. А капаче е италијанското  кафе од некоку грама, еспресо.

Градот ги носи атрибутите црвен, паметен и мрсен. Не згрешиле. Вреди да се посети  и да се почувствува духот на средновековната Италија.

Каролина Мицевска

Loading