МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА – ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ 13

Писател и девојка

Со боси нозете во куќни сандалки-влечки, широко одградена кошула како да е на плажа, но таквото облекување му беше вообичаено во станот, Ангуш седеше замислен пред својата машина за пишување. Очите му скитаа низ стаклениот ѕид со широк поглед надвор низ мегалополисот, мултимилионскиот град. Оваа зима во месната микроклима се покажа многу снежна. Снегулките големи и бесшумни паѓаа, паѓаа, слични на бели партали. Надвор студеше, а кај него во станот владееше летна температура, што Ангуш ја сакаше, оти не трпеше дома да биде топло облечен. Денеска инспирацијата не му идеше, ама сепак својот алат, машината за пишување, го клал на масата за работа и ангажирал во неа бел лист хартија, што засега беше празен. Едиствено горе на листот го начукал насловот од новелата што сакаше да ја напише: Самотија. И толку. Пишува. А за кого? Со постоечката конкуренција во тоа поле на дејствување, и со сите оние вистински или лажни гении чии книги се публикуваат и се продаваат со стотици илјади, неговата шанса нешто да му биде објавено беше блиска на нулата, можеби и под нулата. Сеедно, не е важно, пишувам за свое лично задоволство, како што други имаат хоби да собираат поштенски марки, да скијаат, да свират на некој музички инструмент. Човекот со нешто треба да го исполни животот. Групата електрични ѕвончиња на влезната врата од станот ја иссвири својата куса пријатна мелодија. Кој ли ќе биде? Стана, се упати кон вратата, велејќи си дека веројатно ѕвони некој претставител за продавање електрични метли или нешто во тој стил. Ја отклучи вратата и ја отвори.

– Еве, дојдов, му рече насмевната девојка исправена пред него во рамката од вратата.

Ангуш почна брзо да размислува. Непознатата посетителка сигурно го смета за некој друг. Веројатно го стегнала на грешка во лифтот петличето за неговиот кат.

– Ќе ме пуштиш ли да влезам?, праша девојката. Махинално Ангуш направи место, девојката влезе и пријателски го бакна четири пати, по два бакнежи на секој образ (Ангуш броеше во себе: Во имја Отца, и Сина, и Свјатаго Духа, Амин – четири).

Одговори колку-толку на бакнежите, допирајќи ги со усните свежите образи од непознатата, што студот надвор ги изладил. Забележа дека таа е  надпросечно висока. Се поднаведна да го бакне, покрај тоа што и Ангуш не беше низок човек. Чекорејќи кон дневната соба, “гостинката” ја одврза убавата свилена шамија, од која падна насобраниот на неа снег и, без други церемонии, го соблече многу долгото и сигурно топло зимско палто. Го фрли на една од фотелјите. Седна на онаа визави неговата машина за пишување. Ја префрли едната нога на другата и насмевната се загледа во него. Девојката носеше кус фустан што одвај и стигнуваше до половина бут и една безобразна мисла прелета низ главата од Ангуша: На оваа и гори оган под задникот штом по вакво време се носи олку кусо, па дури и на нозете нема никакви чорапи! Веројатно досега не страдала од циститис, што ги фаќа жените кои не си ја заштитуваат доста од студот половината од телото што им се најдува под папукот. Го помисли тоа и собата му се заврте пред очите. Господи, каква нога! Оваа не е жена, туку филмска ѕвезда!

– Седни, што дремиш како мисир! Постапувај како да се најдуваш кај тебе дома, во твојот стан, се пошегува гостинката.

Ангуш седна пред својата машина за пишување и, и покрај тоа што никако не му се сакаше девојката да си отиде, ја напна својата волја да и ја каже вистината:

– Се плашам дека има едно недоразбирање…

– Какво недоразбирање?

– Изгледа си го згрешила спратот, а можеби и ме мешаш со човекот кај кого си сакала да отидеш, и со кого треба многу да сме физички слични.

– Не верувам. Ти се викаш Ангуш, да или не?

– Да.

– Овде сме на 25-тио т кат?

(продолжува)

Loading