НЕМА ОВЧАРИ ЗА ИЛЈАДАРКА ДНЕВНИЦА

Убаво сончево свежо неделно претпладне. Со комшијата Лазар Мантароски кинисавме да шетниме, пензионерски донекаде во природата. Знаеме да се занесеме и да појдеме подалеку, иако дома нé чекаат за ручек.

Тргнавме неодредено, без “компас”, или војнички без да се одредат точките на азимутот. Го заминавме Паркот на револуцијата, го минавме и сообраќајниот патен тунел и минавме накај месноста Кула, на кај селата Волково и Прилепец. Со лаф муабет, за ова со пензииве, те за случувањата во политиката. Не застанавме. Скршивме некој збор за ОБСЕ, дали му требаше или не на шефот на американскиот Стејт департмен Ентони Блинкен да си оди пред да дојде Лавров. Заклучивме дека тоа се “високи” политики, за кои немаме знаење, а и што нé интересира сето тоа. Крајно, кои сме ние да судиме за овие политички, европски, а во случајов и светски прашања. Одвреме-навреме подзастануваме, ѓоа да се разбереме подобро, да си кажеме што сакаме. Всушност, тоа беа наши “марифети” да се одмориме и да земеме здив. Се разбравме, ама најдовме забелешки на асфалтниот пат. Не морале да го следат макадамскиот пат и над него да стави асфалт. Повеќе фрливме критики за одредени лошо, според нас, решени комунални проекти што се направени или сега што се прават. Не забележавме дека стигнавме скоро до местото Каракамен. Тоа е голема, гранитна карпа. Се поткачивме и пред нас, како на дланка, се најде панорамата на пелагониското поле. Се гледаа линиите на исечените дрва од поранешните зелени појаси. Порано низ полето се саделе за заштита дрвени појаси од по неколку метра. Одозгора се гледа дека нема ниту два-три појасни зеленила, дрвја. Сé е исечено за огрев.

Не многу далеку од овој црн гранитен голем камен се гледа дека некој почнал, но не го завршил градењето на црковен објект посветен на Св. Апостол  Филип. Можеби некој добронамерник, православен верник ќе успее да го заврши храмот. Таман се завртиме кај исток и да продолжиме накај Волково, кога се загнаа три големи кучиња од стадото што пасеше подолу. Овчарот Тони, со два овчарски стапа, за кого дознавме дека е од Волково, почна да вика по пците. И по нас да застанеме и тој да скрши некој збор. Рече дека од сабајлето ниту добро утро не рекол со никого, откако излегол со овците од темни зори. Го почекавме за муабет. Те од кај си, те дали го знае тој, те до каде “слегува” со овците надолу по полето. Разбравме дека некогаш работел во Еуроинвест. Откако фирмата пропаднала, тој, иако има години стаж, нема доволно старост за пензионирање. Се зафатил со овчарство. Низ муабетот како да му завидувавме што секој ден е во природа и дека му е убаво. На ова, се запна, да појдеме утре со него и со неговите 250 глави овци. Има и некоја коза. Понуди илјада денари, плус јадење и ракија за пасење и чување на овците, ако сметаме дека не е тешко и дека му е лесно на било кој овчар. Велеше дека цел ден е на нозе. Сега нема посеано, но не е како некогаш да внимаваш да не влезат овците во туѓ имот и да направат пакост. Не е сеедно. Треба да се трча по овците и да се запираат. Доаѓа и зима, а волците слегуваат надолу, покажувајќи со раката и сакајќи подолго да остане со нас. Кажа дека во Волково има уште два помали булуци овци. Во соседните Прилепец и Чумово има два или еден булук. Според него не вреди, нема ќар од ова сточарство. Не е ништо решено, нема можност за продажба на млекото и мора да се прави  сирење. Нема ниту овчари. Бараат повисоки плати или надници. Не се осигурани. Треба и да им се даде нешто за јадење во торбата, оти гладот не чува овци. Нема ниту пци верни како некогаш. Некако се откинавме од муабетот, оти овците ќе му заминат на кај Старо Лагово. Рече дека нема други страда да се замешаат.

За овчарството, се потсетив на разговорот со дедото Александар   Трајкоски, земјоделец и кој бил цел живот овчар од селото Алинци. Со него, случајно на пазар во Прилеп, ми кажа дека иако неговите се отселени од Алинци, тој останува на родното огниште. Понекогаш мора да дојде в град на преглед кај уролог. Го мачи простатата. Ацо кажа дека е роден во 1937 година кога селото имало полни куќи луѓе, а сега е најстар, иако е Алинци е на дофат на градот со асфалт. Ацо пасел 200 глави. Не му било тешко на младост. Сега зема околу 12 илјади пензија. Не се жали оти му помагаат синовите и снаите. Други се плачат дека пензиите им се мали и не можат да проживеат.Со 87 години живее некако во Алинци. Вели дека било гревота само да се напаѓа, туку дека требало да се свртиме и да видиме што сме работеле и што сме направиле пред пензијата. Ацо не се жалеше, иако бил сам. Не одгледува ниту крава, ниту овци. Има разбрано семејство што му помага. Доволно. Така било отсекогаш, па и сега.

Оваа приказна за овчарот од Алинци му ја кажував на мојот сопатник. Патот нé донесе до црквата, посветена  на Св. Петка. Погоре се гледа покривот на храмот и камбанаријата на Св. Спас над Волково. Не појдовме до Прилепец, оти немавме “време”. На лево круг, назад, да не се задоцниме за неделниот ручек, оти нé фати, како што се  вели, “ручек време”. Беше скоро три часот во Прилеп.  

К.  Ристески

Loading