ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ – МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 9

Види, уште е тука овој злокобен гавран! Застанат е најгоре на врвот од едно од дрвјата, сопственост на имотот од Фердинанд фон унд цу Хикс. Гавранот гракаше со целата сила на белите дробови. Би се рекло дека сакаше да ме предизвика. Ловџијата се разбуди во мене. Во секој миг имав при рака пушка за стрелба, ставена да не се забележи со недискретен поглед. Се случуваше некоја срна да мине недалеку од местото. И ја кутнував со добро упатен куршум. Така се подобруваше нашата секојдневна исхрана. Пушката беше малокалибарна. Пукањето слабо се слушаше. Не можеше да го чуе истрелот и сопственикот на замокот, а и срната.

Фрлив едно око наоколу и, гледајќи дека нема никој во близината, му реков пријателски на гавранот: Чекај, ќе ти кажам јас тебе! Направив неколку чекори, ја зедов старата добра пушка, што ме чекаше простум опрена на ѕидот од една просторија со широко отворена врата, и пукнав. Потоа веднаш го кладов оружјето на истото скриено место.

– Го погоди!, ми рече Сигрид, која како со магиско стапче се појави зад мене.

Бидејќи сум добар стрелец, и одговорив кратко:

– Се разбира.

– Одам да го земам, рече Сигрид и малку потоа се врати држејќи го гавранот за нозете.

Влеговме во една од собите во приземјето. Сигрид дувна на пердувите, за да ја откриеме дупката од куршумот. Ја најдовме под десното крило.

– Ама, – зазборува со зачуден тон жена ми, – веќе е сосема ладен! Потоа, откога го иссдопира и истега телото, ми го подаде, велејќи: Чуден допир. Тврд е, навистина чудно.

Установив дека осетот под прстите беше различен од оној за сите други птици чиј убиец сум бил во мојов живот. Ја помолив Сигрид да ми донесе еден жилет и, кога веќе се качуваше по дрвените скали, прецизирав: “Стар, а не нов”.

Го отворив значи со жилетот покојното живинче и, моите модри ириси и очи станаа сосема тркалезни и малечки од чудење (овде ги употребувам зборовите од Сигрид, која во тој момент ме набљудуваше). Имаше и зошто така да се зачудам! Под кожата од гавранот, ама тоа не беше вистинска кожа, имаше цел механизам направен можеби од челик, или од друг материјал.

– Метален!, се провикна Сигрид.

– Што?

– Велам дека овој гарван, а истиот е што ни грачеше, имаше нешто метално во гласот.

Во тек на неколку мига, втренчено ја гледав мојата русокоса сопруга полна со бенки од лицето.

-Добро-де!

Оти имав уште многу работа низ фармата, го напуштив испитувањето на мртовецот. На излегување, ја видов Сигрид како го стави телото од она што мислевме дека е гавран, во пластично кесе и го остави на еден сандак.

Денот мина, а потоа и вечерата, без да зборнеме пак за “Аферата”. На легнување, Сигрид се обиде да нафрли некој збор:

– Оној пуст гарван, што не е гарван…

– Ај, остави ја таа работа. Утре, денски, ќе поистражиме, па ќе видиме што ќе пронајдеме. Сега сакам да спијам, реков правејќи и поголемо место на креветот до мене. Тој гест преведен на македонски значеше: “Легни овде, доста беше работење за денеска!”.

продолжува

Loading