ГАРВАНОТ

Даниел Мелвил – Македонска рапсодија 8

Да, тоа беше многу чуден настан, оној што ни се случи во нашата мала фарма во сабота на 5 октомври 1985 година. Настанот почна повеќе седмици пред тоа, а датата е во извесна смисла расплетот на заплетот. Расплет поскоро делумен, оти, како што ќе се види, мистеријата остана. Една навистина црна приказна за гарван или, ако претпочитате, за гавран…

Нашата фарма е доста осамена. Се состои од куќата, терените, неколку дополнителни постројки, меѓу кои зајачарникот и кокошарникот. Куќата е стара, без конфор, и има потреба од некои поправки, обнови, да се подобри состојбата. Висока е цената на тие работи за нашите можности. Ги одложувавме од година на година, во очекување да дојдат подобри времиња. Во моментот кога настанот се случи, жена ми Сигрид и јас, Герман Перев, живеевме сами на фармата. Децата беа надвор од Германија, на ваканции. Покрај тоа што сме релативно млади, бидејќи нашата челад дојде рано на светов, тие се веќе полнолетни и независни. Едниот работи во Минхен, другиот во Франкфурт, третиот…, со еден збор, немајќи интересирање за земјоделието и добитокот, претпочитаа друг начин на живеење. И ние некогаш живеевме во голем град и работевме сосема друго од она во селото. Еднаш, градскиот живот ни здодеа и кога се покажа пригода да станеме сопственици на фарма, можноста ни се стори згодна да избегаме од градот Не пропуштивме со жена ми. Се оддалечив од темата.

Фармата се најдува на границата со голем имот што е принадлежен на еден дворец, чии сопственици имаат едно фон и едно цу во нивното име, висока благородничка титула. На неколку метри од нашата фарма почнуваат шумите на стопанот од замокот. Неколку седмици пред фаталниот ден, едно утро жена ми ми рече:

– Оној проклет гарван, со своето грачење ме разбуди уште рано в зори. А неделен ден е!

– Да, и јас го чув. Некако одеднаш како да има многу повеќе гаврани, отколку обично, и одговорив.

Всушност птицата ми пречеше оти í додеваше на жена ми. Без жалбите од Сигрид, одвај ќе бев свесен за постоењето на тоа крилато животно.

Во периодот што следуваше, повремено Сигрид ми зборуваше за “својот гарван”:

– Има чуден глас, овој пален гарван, велеше.

– Што има толку чудно, Сигрид? Си грачи, сите гаврани грачат.

– Не, овој е различен, има нешто… нешто..Има некаков чуден глас. Би се рекло дека со грачењето ги вика другите гарвани. Веќе изведе малечки пилиња, кои ги изедоа јајцата од кокошарникот…

За да ја успокојам, и реков:

– Ќе треба да сторам нешто против овие гаврани. Годинава ги има многу.

И, неделите минуваа. Имав други работи со јајцата и со пилињата од Сигрид. Таа избегна да ми зборува за фамозната птица. Зборуваше, ама поретко.

Бидејќи во недела е единствен ден кога спиеме до доцна утрото, во саботата на тој петти октомври, како и обично станав рано. Откога ја извршив мојата утринска тоалета и голтнав некоја храна, да ги исплакнам устата, хранопроводникот и друго. Ја оставив Сигрид на своите чаршави, покривачи и други утрински работи и излегов. Почнав да сечам дрва од еден куп пред куќата за сурови зими, кога е толку пријатно да се размислува седнат во соба каде пламти добар оган од миризливи пенушки.

продолжува

Loading