УШТЕ ПЕТ БИСТИ НА АЛЕЈАТА НА НАРОДНИТЕ ХЕРОИ?

В година

Се санираше Паркот на Револуцијата, основан во 1961 година. Се реконструира патеката пред бистите во Алејата на народните херои, сменети се дел од оштетените постаменти, исчистени се урните, санирани се дел и од скршените плочи во криптата каде почиваат моштите на 462 партизани. Преуредена е патеката и саниран е амфитеатарот.

– Могилата на непобедените постепено го добива заслуженото место. Со тимот од Заводот и музејот успеавме да го реставрираме препознатливиот меморијален споменик на прилепските жртви во НОБ – вели директор на Заводот и музејот, Горан Цветкоски.

Во Алејата на хероите се поставени 10 бисти, а Прилеп е град на 15 народни херои, од 66 во Македонија. Десетте загинале во војната, а 5 починале потоа. Се подготвува проект уште за 5 бисти кои ќе бидат поставени во Алејата. Од Заводот и музеј се надеваат дека идната година ќе бидат поставени.

– Се надеваме дека во 2024 година, кога се одбележуваат 80 години  од ослободувањето ќе ја надополниме Алејата на народните херои уште со 5 мина, кои ја преживеале војната, меѓутоа во текот на слободарските години тие извршувале значајни функции не само во Макдонија, туку и во Југославија. Тоа се Вера Ацева, Крсте Црвенкоски, Борко Темелкоски – Лилјакот, Ѓоре Дамески – Боксерот, Атанас Забазноски – Руски – рече Рубин Белчески, претседател на Здружението почитувачите на НОБ.

Реконструкција  доби и споменикот на Песиобрдце кој ја симболизира борбата од последните денови од ослободувањето на Прилеп во 1944 година.

Во прилепско има околу 160 споменици, спомен обележја, бисти или плочи посветени на НОБ.

Loading