Соучениците Борче Вандески (63) од Прилеп и Киро Самарџиоски (63) од Сиднеј, по 45 години случајно се сретнаа и не се познаа
Младоста, особено средношколските години се најубавиот период од животот за секого. Не се забораваат ѓаволштините, случките, смеите и мајтапењата меѓу другарите во училишните клупи, на одморите меѓу часовите. Уште помалку, не се забораваат ликовите. Како што се знае и памети името на првата учителка, или на класниот во средно, наизуст се знаат соучениците, по име и презиме кои кој знае колку пати во еден ден биле прозивани од даскалите.
Двајцата соученици Борче Вандески (63) од Прилеп и Киро Самарџиоски (63) од Сиднеј, по 45 години случајно се сретнаа и не се препознаа. Местото на средбата било такси возилото од Вандески во кое како патник влегол Самарџиоски кој е по потекло од Кадино Село, но живее во Сиднеј, Австралија, а бил на краток престој во родниот крај. Интересен бил дијалогот од неочекуваното видување кое потоа се претворило во пријатна средба. Во разговорот со Самарџиоски додека тој беше во Атина, откри дека ниту едниот, ниту другиот, на прв миг не се препознале.
– Заѕвонив во такси компанијата да ме земе возило од улицата “Борка Талески”. Бидејќи сум љубопитен го прашував таксистот од каде е, како оди работата. И таксистот како мене, зборлија. И тој ме распраша, кој сум, што сум. И ми вели: Од Кадино Село имав школски, се викаше Киро Самарџиоски. Има двајца што се викаат Киро Смарџиоски, му одговорив. Но, мојот другар беше слаб со долга коса, ми вели тој. Кога стигнавме до старата автобуска му велам: Ако го видиш Киро Самарџиоски, ќе го познаеш. А ти кој си, го прашувам. Ми вели Борче Вандески. Не знам, му велам, и после ми текна. Еве, Киро Самарџиоски е пред тебе – раскажува Киро Самарџиоски (63) од Сиднеј, Австралија, а со потекло од Кадино Село.
После, двајцата другари од училишните клупи отишле на чорба, па се размуабетиле. Си ги вратиле спомените, се расприкажале и нашле уште заеднички другари на Фејсбук.
Во Сиднеј, Австралија Киро Самарџиоски заминал во 1987 година, барал подобар живот од Кадино Село. Ја напуштил работата во Прилеп и заминал на петтиот континет.
– Морав да барам друго чаре. Заминав со фамилијата. Тешко беше на почетокот, ама со работа каде и да одиш, ќе се снајдеш. Имам две ќерки и еден син и три внучиња. Таму се татко ми, мајка ми, брат ми со семејството. Работам со увоз од Кина. Греота е да се плачиме. Се живее. Во Кадино село бев во 2017, а пред тоа 1995 година, поради бизнисот не може лесно да се оди. Сега децата работат, а јас повеќе да потшетнувам. Имаме куќа и земја в село, но не е одржувана. Селанче дете сум и од тоа не се срамам – вели Самарџиоски.
Иако во Македонија народот нема пари, се живее среќен живот, смета Самарџиоски. Според него, иселувањето на младите не може да се сопре. Прилеп го доживува како пуст град.
– Би си дошол, ако си дојдат сите со мене, особено внучињата. Доцна е државата да направи нешто. Сите образовани млади кадри се заминати, мора да се снаоѓаат. Шетам, никого не познавам во Прилеп. Освен во центарот, ништо не е поправено, исто е и во селата. Разочарувачки. Многу голема забележав меѓу 1995 и 2017, а оттогаш досега не е ништо мрднато – вели Самарџиоски.
Не размислува да се врати, ама признава дека не се заборава родната грутка. Мило му е да е во Македонија, иако бил само седум дена.
Борче Вандески пак, вели дека му е полн мозокот со ликови со работата која ја работи. Но, ги памети сите.
– Секојдневно среќавам по десетици лица. Голем дел, ги познавам, знам каде работат, на која адреса живеат. Таква ми е работата. Но, случајната средба со школскиот толку ми беше драга, што просто се изненадив, како на почетокот на разговорот не го препознав ниту по гласот кој поретко се менува. Се израдував. Пријатна беше средбата со муабетење. Најдовме на интернет и други кои учеа со нас. Иако не може, вети дека ќе собере сили да дојде на генерациската средба и да се види со сите – објаснува Борче Вандески (63) од Прилеп.
Неговата секојдневна работа е различна приказна. Секој патник со своја мака, радост или трошка надеж. Колку денови, толку раскази. Убави, тажни, радосни, весели приказни, парчиња од животот кои ги споделуваат патниците со него додека се возат до одредената дестинација.
– Секој ден е посебен. Случки колку сакаш, а на крајот на месецот да составиш цел роман. Сведоци сме на многу немили настани, први дознаваме, разбираме многу работи. Го чувствуваме и пулсот на градот кој полека замира. Се помалку има движење, летото беше поинаку, додека беа нашинците. Сега е потивко. Му треба раздвижување на градот, подобрување на инфраструктурата – вели Вандески.
Како никогаш Вандески е богат со пријатели, ги познава луѓето во градот и на секого сака да му помогне.
Двајцата соученици, секој со различна професија и земја на живеење, по случајната средба, сонуваат организирана средба со другите врсниците. А дотогаш, кога работните обврски и на едниот, и на другиот ќе им овозможат, ќе се слушаат на интернет. Таков е животот. Интересните случки, случајно се случуваат!