ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ – МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 7

– Сето тоа и јас го знам од моите универзитетски студии, но одговорот на прашањето не ми е познат. Знам дека после извесно време, станав гравидна и јасно го чувствував детето како живее и расте.

– Добро, извини што те прекинав. Продолжи да раскажуваш.

– Додека бев трудна, сите беа добри и љубезни. Имаше секакви забави, вечери, разонодни патувања… Прекрасно. Кога наближи времето да родам, Ксенон организира голем прием, вечера и бал. Ме третираа како кралица. Бев среќна и весела. Во малите саати таа ноќ, кога сите гости разотидоа, Ксенон ме зеде на својата приватна летачка и ме однесе до една голема шума. Слеговме од апаратот, ме прегрна, ме бакна, ме потсети на тоа што некогаш ми го кажа дека овдешните раѓања на жените и оние на Земјата не се исти. Она што за нив е природно, нормално, за нас е сосема туѓо, неразбирливо. Се качи на летачката и си отиде. Останав сама, изненадена, не знаејќи што да мислам за останатото.

Зашетав низ шумата која, како и кај нас што има различни животни од највисокото, човекот, принадлежеше на пониската растителна хиерархија на таа планета. Не беше “хуманоидна шума”, туку обична, како и кај нас. Видов некоја жена седната пред нејзиното мртво новородено. Почнавме да зборуваме. И раскажав од каде сум и како дојдов и се омажив на нејзината планета.

– Значи вие не знаете што ве чека кога ќе го родите детето?, ме праша жената.

– Па, мислам дека знам: ќе се вратам со него кај мажот ми.

– Не, нема да се вратите. Вашето дете кога ќе се роди е оспособено веднаш да ве убие и потоа вашиот труп ќе му служи како храна додека не зајакне. Потоа, благодарејќи на својот инстинкт запишан во неговите гени, ќе отиде, ќе си го најде татка си и со него ќе живее додека стане полнолетно. Јас сум уште жива заради тоа што детево ми се роди мртво.

Ме фати ужас. Оваа жена не беше нормална, туку бладаше, беше во делириум. Како да погодуваше што мислам, ми рече:

– Кај вас, на Земјата, за што служат плодовите на семките? Плодот ќе падне наземи, ќе почне да скапува, а семките ќе ја употребуваат таа храна за нив за да из‘ртат, да се развијат во мало растение способно самостојно, со својот корен и лисје да се храни.

Поминав неколку дена и ноќи со таа млада жена и меѓу нас се створи пријателство. Таа добро разбра што значеше за мене нивниот начин на раѓање и на умирање и реши да ми помогне.

– Слушнете ме Линдо, знам дека не ви се верува дека ви ја кажав вистината. Но ако сакате да се спасите, треба да ме послушате. Спремете се да се браните од детето што ќе го родите, оти овдешните критериуми за мајчинството, за родителската љубов спрема децата и онаа од децата спрема родителите, е сосема различна од онаа на Земјата. Каде и да бегате, каде и  да се скриете, на оваа планета, новороденото ќе ве најде. Тоа е врзано со вас со невидлива врска Ќе постои додека не стане способно самостојно да опстане. Ако сакате да останете жива, штом детето ќе го родите, и штом ќе ве нападне да ве убие, вие треба да го убиете. Ако успеете, “Академијата”, што владата на планетава, ќе ве суди и најстрого ќе ве казни. Вашиот брак со Ксенон повеќе не постои по овдешните закони. По елиминирањето на детето, ќе треба да избегате на вашата планета. Нема друг спас.

– Иако не ми се верува во ова што ми го кажувате, ќе ве послушам и ќе се спремам да се бранам, но како ќе избегам од оваа планета?

– Јас ќе ви помогнам, ми рече пријателката.

Кога го родив детето, со изненадување установив дека веќе ги има сите заби и е надарено со голема сила. Ми се фрли веднаш на гушата и почна да ме дави. Кога мислев дека ќе умрам, ме спаси жената за која ти зборувам. Таа го елиминира моето дете и ме качи на една меѓугалаксичка летачка со автоматски пилот. Летачката ме донесе овде, слегов и си отиде, оти таквите автоматски летачки можат да се програмираат за одење – враќање до други планети.

продолжува

Loading