БЕСЦЕНЕТИОТ КАМЕН – СИЕНА

Сиена се наоѓа во средината на Тоскана во Италија. Во близина на градот, пленат питорескните ридчиња, вистински “културен пејзаж”. Како и сите други тоскански градови, и Сиена е основана од етрурски племиња, за подоцна темелите на модерноста и убавото ги “удрат” Римјаните. Легендата говори дека градот е основан од Сенјус, синот на Рем, кој заедно со братот Ромул го основал Рим. Некогаш била слепо црево надвор од главните трговски патишта, но подоцна се сменило. Во 13 век станала независна република. Била ривал на Фиренца, не само во уметноста, туку и во науката. Бил основан и Сиенскиот Универзитет, кој и ден денес е ценет, особено катедрите по право и медицина. Во 14 век чумата го направила своето, па така засекогаш Сиена останала во сенка на Фиренца, како и денес.

Воодушевува стариот дел заради зачуваното средновековното јадро, кое е одржано, а и тоа што е подоцна градено е во тој стил. Иста боја, фасада. И во поновиот дел не се забележува нешто дека е поразлично. Сиена освојува при првата средба, па и втората…, заради умереноста и складот на градбите, убавото и одржаното културно наследство.

Восхитува градското јадро. Полека шетајќи по улиците, додека од сите страни се слуша врева од туристите, се стасува до плоштадот, импресивниот  Пиаза дел Кампо и високата 102  метри кула Торе дел Мангиа. Доста необичен плоштад на кој нема клупи ни скали, поплочен со црвена цигла и накосен. Додека се седи се чувствува како на трибини на некој натпревар. Одлична атмосфера има на плоштадот, дури се слуша и химната на Италија од градскиот оркестар. Околу, плоштадот е опкружен со преубави палати. Во приземјето  се бројните ресторани и кафулиња. Дел од палатите се во црвенкасто розова боја. Додека се слуша музика, се добива чувство како да се гледа стар филм, романтично, опуштено, задоволно.

На овој плоштад двапати годишно во лето и на есен е многу живо и бучно, бидејќи се одржува Палио, традиционалната трка со коњи од 17 независни градски подрачја – контради. Традицијата е уште од 14 век. Победникот од трката, која трае многу кратко, добива знаме посветено на Девица Марија. А целиот град се закитува со боите на победникот. Спектаклот е церемонија со знамиња и жива музика.

Тука е Градската куќа Палацо Публико, седиште на властите од 13 век. До неа е припена кулата Торе дел Мангиом, убавица. Ако посакате и имате време качете се на кулата, од тука имате преубав, величенствен поглед кој одзема здив. Ќе го видите целиот град, црвенкастите покриви и зелените ридчиња. Оваа убавина ја нарушува само базиликата, одалечена од градската градба, величенствена кадерала. Басилика ди Сан Доменико, базилика од цревна цигла и во контарст со зелени чемпреси, кои ја опкружуваат. Околу плоштадот има и други бројни знаменитости, меѓу кои и фонтаната на среќата.

Низ центарот се оди само пешки или со велосипед. Лесно може да се прошетаат трите ридчиња на кои лежи Сиена, од каде се добива најубавиот впечаток.

Катедралата Дуомо ди Сиена делува како зебрест колач. Таа е една од најубавите на светот. На монументалната градба од 13 и 14 ја создале најголемите ренесансни уметници и архитекти. Претендирала да биде најголема на светот, но не ја доградиле заради недостиг на пари. За мермерната фасада на оваа готска катедрала бил задолжен Џовани Писано, а Никола Писано ја резбарел. Пинтуричо ја насликал одличната фреска во делот Пиколомини, а скулптурите ги работеле Микеланџело, Донатели и Џ.Л Бернини. Црно белиот дел е и во внатрешноста, а сините сводови се со ѕвезди. На подот има 56 плочки  со историски и библиски сцени, кои 200 години ги изработувале 40 уметници. Покрај катедралата е и библиотеката Пиколомини, градена од Франческо Пиколомини кој подоцна станал Папата Пио Трети, во која се чуваат скапоцени книги. Ѕидоите се насликани со фрески со живи бои, а се дело на сликарот Пинтуричио.

Со откривање на сите катчиња, прошетката станува разгледница за голем музеј, заради средновековните палати, тесните улице со интересни детали на фасадите, скулптурите и камените скали, мини видиковците и уште многу други градби. Во камените поплочени лавиринти на улиците се забележуваат мали знаменца, а во секој дел има интересни ресторани, кафулиња и мали плоштади.                        Сиена секогаш се “тркала” со Фиренца. Затоа сé што се градело било со посебно внимание и убаво уредено, до секој детал.

Прстите се лижат од вкусовите на традиционалната храна, особено тосканската чорба од зеленчук. Најпознатото вино Шанти е капаче на уживањето.

Текст и фото Ка.М.

Loading