ГИ ЗНАЕ ПРАЗНИЦИТЕ, И НА ПОЛНОЌ

Снежана Зајкоска – 40 години меѓу борците

Повеќе од 40 години Снежана Зајкоска како дел од составот на боречката организација во Прилеп секогаш е подготвена, во рацете има букет цвеќе за одбележување на значаен датум од НОВ, било тоа да е на локално или на државно ниво. Зајкоска уште од 1981 година е вработена во тогашната   организација  на Сојузот на борците.

– Тогаш имаше многу борци, членови кои учествувале во НОБ, во партизанските акции, независно каде, во Прилеп или подалеку. Имаше и жени борци, учесници во ослободувањето на градот, во партизанското ослободително движење – кажува Зајкоска.

Да потсетиме дека Прилеп беше прогласен град – Народниот херој, во 1975 година со 15 народни хероји. Чести гости беа живите Вера Ацева, Крсте Црвенкоски… особено за празникот 11 Октомври или за ослободувањето на  Прилеп.

– На полноќ да ме скорниш од сон, ги знам сите празници кога и каде се оддаваше почит. Бев со “брзи нозе”, секогаш пријателка со цвеќарите да подготват икебана, венец од свежо цвеќе, букети… Оттогаш ме познаваа прилепчани како член на СЗБ, или како што сега е преименувана во Општинска организација на сојузот на борците од НОБ и граѓани, поддржувачи на традициите од НОБ – вели Зајкоска.

Без неа не можеше да се замисли свеченост, комеморација, одбележување на значаен настан, празник на градот, на државата, или пак  потсетување на годишнина на борец од Прилеп. Не само на некоја установа, институција на која патрон í бил одреден учесник во револуционерното  движење. Такаречи секоја година се одбележуваа патроните празници на основните и средните училишта кои носеа име на некој револуционер, борец, Народен херој, независно дали е од Прилеп, или од друго место на Македонија, кој бил учесник во некоја борбена акција на подрачјето на Прилеп или пошироко.

Зајкоска се враќа на сите претседатели на боречката организација, откако била ангажирана за изборот на цвеќето или венецот за одредени пригоди. Кога се вработила во СЗБ, претседател бил Ице Ристески, потоа Гога Петрески, па еден мандат бил Ристо Тутески, па Трајче Кузманоски. По него  на претседателската фукција дошол Благоја Јованоски – Џивџанот. Најмногу години, 20, од 1995 до 2015 година, се задржал Благоја Чоноски. Повозрасните  се потсетуваат на претседателствувањето на докторот Круме Соколоски, па на Илија Велкоски – Ѕаната. Сега претседателската функција ја извршува Рубинчо Белчески. И функцијата што 40 години ја извршува Зајкоска, останува со истата личност, покрај промената на повеќе претседатели на Сојузот на борците. Таа е  присутна на секој значаен историски датум  со делегацијата за полагање на свежо цвеќе, зависно од значењето на свеченоста или патрониот празник на училиштето или институцијата. Боречките организации, општински, а потоа и државните, или општина во поранешна СФРЈ кога во 1975 година заради поголемиот придонес на борците од овие краишта и заради десетте починати Народни херои и петте живи Херои кои починаа по ослободувањето претседателот и Маршалот на југословенската, тогашна држава, Јосип Броз Тито, Прилеп го одликува со Орденот град – Народен Херој.

Сегашната организација на СЗБ од НОБ и поддржувачи на борбените традиции брои околу 2000 членови и учествуваат во одбележувањето на значајни датуми и настани, реализирајќи повеќе програмски активности на оваа општинска организација.

Loading