ВЛАЧЕА, ДРНДАА ПАМУК  И ШИЈАА ЈОРГАНИ

Браќата Перо и Блаже Николоски тагуваат за занаетот на татко им

За “три – четврти” јорган потребни се 4 килограми памук, а за дупли – пет.     

Од бројните стари занаети кои заминаа во историјата, и кои уште се раскажуваат како сведоштва за едно минато време кога прилепската стара чаршија ечела и пукотела од занаетчии, со жалење се сеќаваат браќата Перо и Блаже Николоски. Го откажаа занаетот грижливо пренесен од нивните претци. А само до пред десетина години  тие беа единствените мајстори за изработка на јоргани. Сега само ги паметат марифетите за подготовка. Пензионерите веќе не го користат слободното време со иглата, дупејќи во памукот и свилата. Не само што муштериите исчезнаа, туку механизацијата на современите конфекции ја збриша продукцијата на старите јорганџии.

Прстите небаре решето

Инаку, шиењето јоргани го научиле од татко им Димитрија. Не сакале, туку оти морале. Ќотек кркале да ја совладаат најпрвин вештината на влачењето, па дрндањето, а потоа и да потшиваат јоргани. Иако времето се смени и модерниот начин на живот ги “носи” лесните, синтетички покривки, особено во зимски период, старите јоргани од памук уште се незаменливи оти топлат.

Браќата Николоски потсетуваат дека работеле и постели од памук за лежење, наместо јоги. Некои постилале тенки јоргани на јогите.

– Занаетот го научив од татко ми од 11 години. Марифетот се учи полека. Прво ми даваа вода да носам и да метам. После почнувавме да го влачиме памукот рачно, зашто немаше машина. Игла се фаќа сефте при шиење перници. Јорганот е последен додека се научиш саглам ситно да шиеш. Тој е најтежок за работа. Се прави 10 – 12 часа. Околу 100 метри конец од мечка – макара со иглата се поминува низ свилата – постава и памукот. Сé е рачно. Занаетот го работев 50 години. После и брат ми работеше во дуќанот првин кај Бањата, а после в чаршија кај Тиквеш. Во долниот дел шиевме, а на горниот влачевме памук – се сеќава 75 годишниот јорганџија Перо Николоски.

Распослани биле и низ дома, а иглата в рацете им летала низ светликава сатенска површина додека се правеле “гравурите” како локумчиња на јорганот. Под силата на конецот, се сплескува дебелината на памукот и се оформува јорганот. Седнати на земја, терале со иглата, поглед не одлепувајќи од рачниот мозаик создаван со љубов.

– Мачно е. Работата е главно со игла. Ренде се правев на прстите, дупејќи се со иглата. Ама научив, го совладат занаетот. Иглата одозгора се насочува надодолу да слези, па се превртува. Татко ми со стапче нé тепаше да научиме правилно. За јорган се потребни лице, свила од секогаш се ставало, опачина памучно природно платно и памук што на времето се садеше. Памукот  може да се преработи на машина од стари перници и излегува како нов. Не е потребна дезинфекција. Татко ми работеше и со волна. И немало алергии од постелнините. За “три – четврти” јорган потребни беа 4 килограми памук, а за дупли јорган – пет кила. Три метра лице за дупли јорган и исто толку опачина, 2,70 за “три – четврти”  – објаснува Перо.

Јоргани и постели за затворот и болницата

“Умешен” бил и брат му Блаже. Низ рацете му врвеле јорганите и постелите за болницатаи  за потребите за затворот.

– Имаше работа. Секна кога се отвори Солидност. Произведуваа поевтино и јорганџиите се ничкосаа. Јоргани правевме за Австралија, Америка, Германија и Италија. Рачно шиениот јорган не се пара, а машинскиот се кини само да го тргниш. Првин влачевме рачно на дрндач како гитара, а после купивме машината од Скопје. Еден јорган го влачевме саат време, а со машината за 15 минути. Разликата е во тоа што памукот не се кине при рачното влачење. Гаражата беше полна со памукот поради волуменот. За квалитетот гарантиравме употреба од 30 – 40 години. Смеа имаше кога го носевме јорганот на рамо. Татко ни нé потсетуваше да речеме – машки деца да им се раѓаат. Се правеа за радост, за чеиз по три јоргани, мајките купуваат за ќерките за руво. За женското два јоргани 3/4, а за машкото еден дупли. Добивавме бакшиш, оти на рамо ги носевме до дома кај муштериите. Некогаш го правевме по два – три дена, оти потребно е 10 – 12 часа. Здодевно е, оти работата е само со седење. Правевме постели за болницата и за затворот порано. Ги обложувавме со нови платна над памукот. Крајот секогаш се шие рачно, зашто машина не може – вели Блаже Николоски.

Памукот  не сака ни перење, ни чепкање

Браќата објаснуваат дека прво треба да се влачи памукот, се составуваат лицето со опачината, се затвора делот каде се става памукот, се чука јорганот и почнува да се шие. Памукот го чукаат со стапче за да се разреди.

– Правеме и постели, најчесто за градски луѓе со стари душеци. Пред повеќе години се бараа тенки за постилање над јогата. За постела се потребни 8 кила. Перниците се лесни за работа. Последните направени јоргани беа со памук од пред половина век. Се ставаат нови “лице” и “опачина” – вели Перо Николоски. 

Перниците се од најчист памук.

– Памукот не се пере. Ако некој бил воден, парчето се фрла, оти иглата не оди. Ако се чепкал памукот, се прават грутки и не го бива – велат браќата Николоски.

Со радост се сеќаваат кога се работело на миндер од половина метар да не се врти, туку јорганот да се преместува. Дури и се тркале кој побрзо ќе сошие јорган.

Не само јорганџискиот, замреа многу занаети. А и нем наследници. Младите не сакат да го продолжат занаетот на родителите, оти се мачни, иако се “златна белезица”.

Loading