ЕНТУЗИЈАЗМОТ И ЗНАЕЊЕТО ПРОИЗВЕЛЕ РАДИО ПРОГРАМА ВО ЖИВО

Миле Талески (84) и Кире Петрески – Каљушо (83) направиле радио во минатиот век

Двајцата прилепчани,  Миле Талески (84) и Кире Петрески – Каљушо (83) создале медиум, младинско радио и емитувале програма во живо во минатиот век. Освен нив двајца, биле вклучени уште неколкумина младинци кои ентузијазмот, знаењето и желбата ги споиле да создатат радиостаница.  

 Настанот се случил во 1957 година. Откако на Миле Талески му ја прекинале соработката во младинската емисија во Радио Прилеп, под изговор дека нема потреба, на амбициозниот младинец умот му работел како пак да ги анимира младите од градот преку радио бранови.  Идејата да направи радио и повторно да ја востанови емисијата за врсниците, ја реализирал со помош на техничките вештини кои ги поседувал  Кире Петрески – Каљушо.

-Сакавме да направиме наша радио станица. Младинско радио се викаше. Во куќата на Мртоечко сокаче, радиостаницата ни беше ставена во оџакот. Сé што требаше да направи, состави, направи Кире – објаснува Миле Талески (84).

Кире, тогаш бил 17 години, бил ученик и работел како радиотехничар. Редовен член бил и на Радиоклубот Никола Тесла.

– Радиото го познавав од занаетот, тоа е нискиот дел, а високиот дел, фрекфенциите од радио клубот. Радиостаницата ја направив на обична штица излезниот дел, а влезниот го користев од радио апаратот кој беше германски. Проработи сигналот, ја одредивме фреквенциите да бидат меѓу Радио  Битола и Радио Прилеп, за побрзо и полесно да се најди оти ниски се брановите. Проработи. Околу 200 метри со мал сигнал се добиваше голема покриеност. Кога ќе го бараат Битола или Прилеп да наидат на нашето радио. Радосни бевме. Работевме во недела. Во живо, директно и да се зборува и да се пушта музика. Сите ученици од Гимназијата  кои имаа грамофонски плочи ги носеа да се пуштаат. Ги земавме на заем. Во неделата вечер ги враќавме. Немаше пари да се купат – објаснува Кире Петрески – Каљушо (83).

Потикнати од Радио Прилеп, сакале да има честитки и поздрави. Емисијата се викала Младината говори. Покрај Миле, биле ангажирани Томислав Гвероски, Борка Риџата и други.

Трдат дека исполнувале музички желби. Со велосипеди иделе граѓани и оставале пишани ливчиња со содржината на честитакта. Некои слушатели имале  и телефон и се јавувале и им порачувале песни. 

-Подготвувавме и информации за активностите од младинската организација кои ми врачија плакета за емисијата. Повеќе успевавме да направиме ние неколкумина отколку Радио Прилеп. Правевме интервјуа и со фудбалерите. Имав идеја и од стадионот да правиме пренос, ама требаше да имаме телефонска линија. Одржуваме емисија Калидоскоп за редоследот на филмовите, по вестите за Општинското собрание, имавме соопштенија. Така работевме – вели Миле Талески.

По неколку месеци, два – три откако емитувале програма, ги затвориле.

-Два три дена нé држеа во милициската кука во старата библиотека. Ме прашуваа секој ден и истото му го кажував што и како правевме. Потоа ме пуштија дека бев малолетен – вели Петрески.

Дошле полициски лица од Скопје и им ја турнале антената поставена на летва.

-И јас бев притворен. Вториот ден, дојде татко ми. Една ноќ ме немаше и другате вечер се разбра дека синот од директорт на Гимназијата, го зеле во милицијата. И, нé пуштија, другиот ден – се сеќава Миле Талески.

Талески многу тагувал и се разочарал. Заминал за Скопје на факултет.

И двајцата, Талески и Петрески, на епизодата со радиостаницата се сеќаваат со задоволство, како на младешка еуфорија, ентузијазам и обид подобро да се прави нешто, отколку ништо.

Радиостаницата на дрвената штица Петрески уште ја чува во визбата како спомен за годините од младоста. Сака да ја подарам, ама не знае каде.

Нема информирање

Талески тагува што згаснале повеќе информативни гласила во градов.

– Денешниве колеги во информирмативните гласиле ги познавам сите. И сите некако сум ги мотивирал и охрабрувал да останат во новинарската професија која е макотрпна. Не треба да се дозволи да ги снема медиумит. Без нив нема информирање – вели Миле Талески. 

Активен радиоаматер

Кире Петрески уште е член на радио клубот кој нема многу членови затоа што мобилните ги истиснаа радиосаниците. Но, тој уште е активен радиоаматер.

– Имам радио станица и кога одев во Асамати комуницирав преку неа. Имам и мала радио станица за во џеб. За ќеф, контактирам со радиоаматери во Европа, како и во државава. Се најавуваме со посебна лозинка, тоа ни е псевдонимот. Разговорите најчесто се сведуваат на тоа какво е времето, од каде си, како си – објаснува Петрески.

И тој смета дека покрај музичките радиа, нема доволно информативни гласила да се дознае што се случува во градов.

Loading