ТАЈАНЕ БОЈАНЕ

Прилеп е еден од ретките градови, ако не и единствен, каде уште се одржува традицијата за одбележување на обичајот поврзан со православниот празник Иванден, Раѓањето на Свети Јован Крстител кој секогаш се одбележува на 7 ми јули.

Се подготвуваат препознатливите кравајчиња со шарени шеќерчиња. У чествуваат децата кои ги посетуваат домовите.          Тајане Бојане е обичај во кој едно машко детенце го носи ѓумчето украсено со цвеќиња во кое се пуштаат парички во тепсија во која има ставено чаша и ваганче. Во тепсијата се подарува брашно, во ваганчето се дарува шеќер и во чашата се дотура масло. Тоа служи за месење на кравајчињата, а парите да се купат шеќерчиња и да се украсат кравајчињата. Посетувајќи ги домовите, децата ја пејат традиционалната песна Тајане Бојане. Од како ќе се соберат потребните состојки децата одат до фурната и таму се подготвува вкусното посно кравајче.

– Повозрасните го сакаме овој обичај. Убави е да се одржува и да се продолжи. Децава сега не го знаат значењето на празникот. Не треба да изумре оваа традиција. Младите треба да ја негуваат со радост – вели Мирјана Стојаноска.

Таа емотивно, со песна, се потсети како девојче, со голема возбуда, го чекала празникот. Се дотерувале за адетот.

– Сон не нé фаќаше. Дотерани, погодени од утрини, бакарно ѓумче китевме со цвеќе, обично црвени јалдази, кои не мирисаа. Ѓумчето налеано со вода го носеше 7 – 8 годишно момче на главата. Момите правевме круг, околу момчето, наречено – Тајане, кое клечеше и му пеевме – се сеќава Стојаноска.

Адетот наликува на играта Ринге, ринге…

Цвеќето се берело од по дворовите.

 – Сите во едно лонче заедничко, одевме по куќите, каде гостопримливите домаќинки со широко отворени врати нé пречекуваа и  ни даваа брашно, масло, шеќер, некаде и пари. Тоа беше маалски обичај. Не шетавме по другите маала. Доживување, кое вечно се памети. Се собиравме кај некој од нас, и некоја баба или мајка месеше кравајчиња, наредени со бонбони. За секое дете по едно. Мискојна мирисаше куќата од печените кравајчиња – кажува Стојаноска.

Адет е поголемо каравајче, печено во каравана, да се меси и да се подели во семејството. Но, за ергените и момите постои и опасност да не им залетне по едно залаче, за да ги спои во брак?! Постојат секакви верувања. Денот бил трепет за момите. Зашто некои верувале дека првата мома која ќе добие од кравајчето, ќе се омажи брзо, или тоа значело дека ќе биде блага, а не лутка…

Постарите велат дека момите шетале по дуќаните, барајќи дарови, а потоа славеле во ресторан со заедничка вечера. Стојаноска не се сеќава дали во чаршијата имало таков обичај. Денес, ретко се одржува адетот.

Бистрина е Иванден

Тајане – Бојане е специфичен адет, во чест на раѓањето на  Светецот Јован Крстител. Можеби тајната е во чистината и бистрината на водата при светото тајно крштение…

Тајане, Бојане, имам брат Свети Јоване,

Ункеши, ункеши, ункеши по маглата.

По магла, по магла, по магла ситна роса,

по роса, по роса, по роса мома боса.

Играле момите крај манастирот,

калуѓер гледа од пенџериња,

фрли си шапка на герамиди,

од герамиди на трендафилот,

белата брада на берберница

црната брада на касапница.

АНГЕЛИНА ВЕЛЈАНОВСКА ГО САКА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

Иако е родена во Шведска, во Гетеборг 16 годишната Ангелина Велјановска одлично го зборува јазикот на нејзиниот дедо Томе, на нејзината прабаба Ангелина, по која е крстена. На мајчиниот јазик на кои животот го осознале и нејзините родители Марија и Диме, Ангелина создава и пишува и поезија. Учествува со песни на поетските читања кои ги организира македонската заедница во земјата на север, илјадници километри далеку од родното огниште каде се нејзините корени. Таа го завршила деветто одделние со одличен успех. Била прогласена за најдобар ученик во генерацијата за што била наградена со влезници за театар и изложби, како и со книги. Не е првпат, таа да биде најдобра меѓу врсниците Швеѓани.

Сега, заедно со нејзините најблиски, ужива во летниот одмор во Прилеп, посетувајќи го Охрид и Скопје. Ќе појде и во Марул, родното село на дедо í Томе. Првпат кога ги видела гробиштата на претците, на деда си му рекла дека сега знае од каде потекнува. За корените да се сакаат и врската да се одржува заслужни се нејзините роднини со кои е постојано во контакт.

По престојот во Македонија, Ангелина, до продолжување на образованието во гимназијата, ќе е ангажирана за џепарлак. Учењето и трудољубивоста ја красат Ангелина која го сака македонскиот јазик кој постојано се зборува во нивниот дом во Шведска.

Loading