УНИКАТНИ ДВОДИМЕНЗИОНАЛНИ КРЕАЦИИ

Емилија Миткоска, изработувач на рачен накит

Прилепчанката Емилија Миткоска (35) веќе седум години креира уникатни рачни изработки од епоксидна смола и полимерна глина. Создава обетки, прстени, приврзоци со различни мотиви, музичари, уметнички дејци, природа… Потрагата по единствени и специфични изработки, ја натерало да се завземе со предизвикот кој прераснал во хоби. Се запишала на курсот за работа со епоксидна смола затоа што не можела да најде обетки со Малиот принц. Не прашала, ни колку време трае курсот, ниту колку чини. Туку, дали може да се изработат обетките во 9 бои. И се втурнала во предизвикот.

Сега, многу ликови и корици од книги, автори може да се најдат на нејзините мали уметнички креации. Смолата е погодна за работа затоа што дозволува игра со бои.

– Не ги уништува боите, кога точно ја дозираш количината на смолата со катализатор. Ги остава нијансите какви што си ги замислил. Транспарентниот дел делото го прави во стаклено ѕвоно. Може да се изработи сé, во дводимензионална форма. Процесот на сушење на смолата е 48 часа, а за комплетна изработка потребни се 5-6 дена – објаснува Миткоска, изработувачот на рачен накит.

Презентацијата на накитот ја прави преку страницата Урбанера на ФБ и на Инстаграм. Соработува со повеќе музички групи, ја инспирираат и опаковките од албумите, кориците на книгите. Креациите се уникатни, особено накитот.

– Тешко е да се најде накит кој го сакаш и е уникатен. Се трудам да ги исполнувам желбите без разлика колку е макотрпен процесот на изработка. Младите сакаат оригиналност. Накитот некогаш носи порака – објаснува Миткоска.

Завршила Факултет за дизајн и технологија на мебел и ентериер. Хобито прераснало во голема љубов од кое не се живее.

Последно, накитот на Урбанера бил инспириран од мотото и визуелната приказна на театарскиот фестивал Војдан Чернодрински.

ДАЛИ ПРИЛЕП Е ЗАСПАН?

Емилија веќе 16 години живее во Скопје. Често го посетува родниот град. Прилепските мотиви се присутни во делата. СТмета дека има кретивност која уште го раздвижува градот.

– Има будни “теренци” со енергија да го разбудат градот кој не е мртов, особено за културни доживувања – вели Емилија Миткоска.

Loading