СМЕТКА ЗА СЕКОЈ ПОТРОШЕН ДЕНАР

СЛАВКО ТРАЈКОСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ И И ЧЛЕН НА ИЗВРШНИОТ ОДБОР НА СЗПМ

Се крена голема врева околу Здуженијата на пензионерите, посебно околу Сојузот на здруженијата во Македонија. Покрај претседател на ЗП Прилеп, вие сте и член на Извршниот одбор на СЗПМ. За што се работи?

Кај нас отсекогаш било, и е така. Вревата ја прават оние кои не се ангажираа околу изборните циклуси во Здруженијата и се сметаат за малку отстранети. Немајќи што, сега наоѓаат разно – разни мани. И, во нашата општина, и во Кривогаштани и Долнени од каде што членуваат пензионери во прилепското здружение, изборите беа организирани и спроведени според сите законски одредби, според статутите на ЗП и на СЗПМ. Откако им текна  на некои незадоволници, почнаа да креваат врева дека не било сé регуларно. Тоа не е точно. Тие се поттикнати и поддржани од една политичка партија, а сите знаеме која е и која и е целта, а посебно на малкуте луѓе, членови, кои имаат најмногу корист од тоа што членуваат во неа и се на функција. Нема проблем. Незадоволни се стотина членови, ако не и помалку на една политичка пензионерска партија. Им се придружуваат малку пензионери, кои предходно биле во некое тело на пензионерското здружение. Сега се инсценираат проблеми каде што ги нема. Бараат пензионерите кога одат во пензија да потпишуваат две изјави, една за солидарниот фонд, посмртнина и една за членарината. Многу пензионери не ги разликуваат овие две, таканаречени, давачки. Одделените средствата за солидарниот фонд, посмртнина, ги одредува организацијата за распределба на средствата од членарината. Само 2,5 денари од членарината остануваат во Сојузот, а со останатите 27,5 денари располагаат здруженијата кои, според програмите, ги вложуваат за повеќе активности. Тие се средства на пензионерите за реализација на многуте активности. Незадоволните кои ги подгреваат протестите сакаат да располагаат со средствата и да го растурат солидарниот фонд, посмртнината, што пензионерите ја плаќаат секој месец, а по нивната смрт нивните семејства добиваат по 30 илјади денари. Оваа регулатива функционира многу години. Многу пензионери имаат вложено повеќе, а некои помалку зависно од годините на пензионирање. Ако се укине и ако не постои овој солидарен фонд, најмногу ќе загубат пензионери со најголеми вложувања. Со тие средства располага Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Преку неговата сметка се исплаќаат средствата на семејсвата на починатите пензионери. Така е со години и така е задржана содржината на солидарниот фонд, на кој ни завидуваат многу здруженија од други соседни и други поразвиени држави од нашава.

Постои ли контрола на трошењето на средствата? 

На секои шест месеци се разгледуваат финансиските извештаи за потропшените средства, минувајќи го “рентгенот” на Надзорниот одбор. Работата подлежи и на ревизии, испитувања и проверки. Во СЗПМ имаше проверки и сé е во ред. Нема никакви злоупотреби. Како непартиска, невладина и непрофитна организација, пензионерите нема да дозволат некој од некоја, било која и да е политичка партија, да се занимава и да им кажува како да се трошат средствата што секој месец се одделуваат од пензиските примања. Се знае нивната намена. Се води сметка за секој потрошен денар.

И конкретно што презедовте?

Во едно од поголемите здруженија, со најмногу членови, Извршниот одбор го разгледа поднесокот од претседателката од СЗПМ со барањата произлезени од протестот на група пензионери пред просториите на Сојузот во Скопје. По расправата, Извршниот одбор ги отфрли како неосновани, паушални и непоткрепени со факти и докази, барањата на протестната група за поништување на изборите во здруженијата во нашата држава и изборите на СЗПМ. Изборите се одржани во согласност со законот за здруженија и фондации како и според Статутите на здруженијата и Статутот на СЗПМ. Не држат место барањата за поништување на изборите. Според законот, здруженијата се самостојни и независни правни субјекти со свои органи и тела и постапуваат по сите прописи  во согласност со Законот за фондации  и здруженија. Според тоа, СЗПМ, кој е, исто така, правен субјект, нема никакви прерогативи, ниту законски, ниту статутарни одредби да му наложува на здруженијата, освен да дава препораки, насоки и информации, односно да ги промовира барањата на здруженијата пред надлежните државни органи и институции.

Значи, сé е легално и легитимно?

Да, работиме според сите важечки законски прописи. Имаме органи и тела. Имаме 19 разграноци во населбите и селата. Имаме и 13 пензионерски клубови за состаноци и за размена на мислења. Се даваат идеи на пензионерите. Изборните активности се одржуваат во клубовите. Телата на разганоците без проблеми предлагаа членови, делегати за општинското здружение, а потоа и за повисоките органи. Собранието е највисок орган на демократско организирање на пензионерите. Имаме Извршен одбор, комисии, актив на жени, надзорен одбор… Сите овие тела носеа програми за работа, кои се потврдуваат првин пред пензионерите во разграноците, а потоа се направени “филтри”. Таму се предлагаат пред делагатите на Собранието и се прифаќаат.

Има ли место за незадоволство?         

Нема. Колку за илустрација, само преку комисијата за здравство годинава беа “вратени” на пензионерите повеќе од два милиони денари. Се дадоа ваучери пред Нова година и Божик, а потоа и пред Велигден, се доделија  средства за  бањско лекување на членовите, се организираа двапати заеднички дружења, пикници во Пашино Рувци и во Беловодица. И пак ќе се организираат средби на повеќе од 400 пензионери. Сето тоа одеше на  сметката  на здружението. Да не ги заборавиме активностите на културен план, организирањето на регионалните и ревијалната средба на културно-музичките пензионерски настапи на државно ниво. Тука се и спортските регионални натпревари. Потоа спортската пензионерска “Олимпијада” на ниво на Македонија. Се натпреваруваат најдобрите спортисти, пензионери. Програмите за активностите ги носат членовите на комисиите. Тие се прифаќаат пред делегатите на Собранието.

Loading