ПОВЕЌЕ МАКЕДОНСКИ НАУЧНИЦИ ВО СТРАНСТВО ОТКОЛКУ ДОМА

Интервју – Др. Рубин Гулабоски

За науката никој ниту мислел, ниту мисли, ниту ќе мисли во наредните 20-30 години, додека не се направи вистинска стратегија. Незамисливо е да се поддржува научната мисла со околу 500.000 евра”.

Ова го вели во интервју за МИА прилепскиот научникот Рубин Гулабоски, кој е меѓу топ два проценти највлијателни научници во светот според Стендфорд листата. Тој моментално е професор, истражувач на Универзитетот во Гетинген којшто има најголем број на познати нобеловци по глава на студенти. Има повеќе од 20 нобеловци, двајца активни се уште таму. Таму е нашиот професор, Иван Богески на Катедрата за физиологија. Во неговата лабораторија има 10 до 15 пати повеќе средства за наука отколку целокупниот фонд за наука во Македонија.

Според него, проценка на дијаспората е дека од земјава заминале повеќе од 7.000 научници, кои работат на институти и универзитети низ светот.

Вие сте меѓу топ два проценти на највлијателни научници во светот според Стендфорд листата. Што значи ова да ни објасните?

– Од 2018 година досега континуирано “Стендфорд” Универзитетот според разни параметри ги рангира два проценти најуспешните и највлијателни научници од сите области и на сите времиња. Континуирано од 2018 година е на листата на најуспешни научници. Највлијателни од Македонија се петмина академици. Беа двајца пензионирани професори и јас, единствениот што не сум ниту професор, ниту академик. Тоа е голем успех кој покажува во која насока се одвива науката. Горд сум на рангирањето, оти најголем дел од работите што се вреднувани се направени во Македонија откако се вратив, а не се во Германија, Португалија или Швајцарија, каде што бев претходно.

Вие сте хемичар. На кои научни истражувања работите?

– Работиме на електрохемијата. Прво ни доаѓаат в очи батериите или корозии. Работиме електрохемија на биолошки системи, односно главно на ензимски системи. Дишењето е електрохемиски процес, претворањето на храната во енергија е електрохемиски процес. Покрај теоретското моделирање, правиме експерименти со кои, на некој начин, станавме “славни”. Електрохемијата е интердисциплинарна наука која наоѓа апликација и во дизајнот на лековите…, како нано честичките кои помогнаа во дизајнирањето на вакцината против КОВИД и на сите тие мРНА вакцини. Таа е една од ретките техники за која што досега имаат добиено две Нобелови награди.

Каде може да најде примена?

– Електрохемијата може да најде примена насекаде, а е екстремно евтина и брза, во фармацевтската индустрија, во биоелектрохемијата, во физиологијата, науката на материјалите, посебно на нано системи, во заштитата на животната средина..

Државата дава трошки за научниците?

– Добивме околу 500.000 евра директна поддршка за науката во Македонија. Незамисливо е да се поддржи научна мисла со толку малку пари Науката во Македонија е константа од 1993 година досега. Проблемот е пристапот и како тоа да се смени. А државата треба да се грижи. Сме виделе како тоа функционира надвор. Способни сме, знаеме и имаме потенцијал како да донесеме средства и проекти од ЕУ, Америка,  Јапонија.

Зошто поддршката е минимална?  

– Моментално сум професор кој е истражувач на Универзитетот во Гетинген со најголем број на најпознати Нобеловци по глава на студенти. Повеќе од 20 Нобеловци, двајца активни уште се таму. Таму е нашиот професор, Иван Богески на Катедрата за физиологија. Во неговата лабораторија има 10-15 пати повеќе средства за наука. отколку вкупниот фонд за наука во Македонија. Споредете, една лабораторија со една држава. Јавно кажувам дека сé се прави да им се удоволи на некои стотина луѓе. Заложници сме на тие политики, а за науката никој ниту мисли, ниту ќе мисли наредните 20-30 години, додека не се направи стратегија. Треба да менаџираат и да дадат предлози тие што знаат, тие што нешто направиле. Бевме поканети во Министерство откако излеговме првпат на Стендфорд листата. Јас, академик Мирчевски и академик Коцарев. Дадовме стратегија да се вложи во центри за извонредност во кои државата ќе ги плаќа само младите научници, а другото ние ќе го обезбедиме. Тоа се 20.000 евра по еден центар, а ги има 50-тина, лесно препознатливи во Македонија. Го направивме сето тоа и по две години не добивме одговор. Некој им кажал да се “фрли в корпа”. Заврши ентузијазмот. Тоа е суштината, центри за информатика, за машинство, за роботика, за дизајн на лекови… Се вложува во млад кадар. Проблемот е како да се задржи  младиот.

Имаат ли услови младите да истражуваат?

– Многумина не знаат дека ние во тој инструментален лабораториски потенцијал стоиме на некое рамниште со европското, со огромен број на лаборатории. Но тоа е направено без концепт. Се опремија 20, 30, можеби и 50 лаборатории за околу 50 милиони евра. Погрешниот концепт го има и сега со акцелераторите. Купени се, но не ставени во функција, затоа што нема физичари. Физичари се запишуваат еден до двајца на Институтот за физика. Каде ќе ги најдете? Првин се обезбедува кадар, а потоа опрема. Ќе се чудите ако знаете дека на Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип има електронска микроскопија по најнови стандарди што ја немаат најголем дел од светски познатите лаборатории. Некои од институтите во Скопје како на Машинскиот факултет, Природно-математичкиот, особено на Фармацевтски факултет имаат апаратури, со кои може да бидеме конкурентни, пак ќе се зачудите.        Се сеќаваме на пандемијата пред три-четири години. Првите брисови за анализи од пандемијата се носеа во Ниш, да се добијат резултати. А таа техника, ПСР, е толку рутинска, толку едноставна, што потоа ја дадоа и на агенции за обезбедување. А имаше и на Фармација, и кај нас на Факултет, на Земјоделскиот факултет и во МАНУ, ама немаше координација како да се искористи. Жално.

Зошто државата не ги слуша научниците, академиците?

-Малку сме и не сме политички активни. Имаме голем степен на слобода да зборуваме за секоја било една тема. Не потпаѓаме лесно под политички влијанија. Не им сме интересни, ставени сме настрана. Даваат некоја плата, никој не се занимава со тоа што го правиме. Можеме да имаме десет Нобеловци во Македонија, Бадијала кога од политиката главно зависи импактот и целата наука. Затоа мислам дека ништо нема да се промени во догледно време.

Зошто сте песимист?

– На вистинските места одамна има грешни луѓе. Ако немаш човек што знае како се прави политика за науката, тогаш немаш ништо. Имавме Национален совет за високо образование. Уставниот суд го укина. Иронијата е голема. Ништо додека не дојдат вистинските луѓе на вистинско место, додека не се покаже потенцијалот на науката во светски рамки. Треба да се поддржува науката апликативно, но и наука, која влегува во фундаментот. Се смета дека ако не вложуваш во наука што ќе врати, тогаш тоа се фрлени пари.

Светот вложува во наука?

– Пред четири недели им кажував на студентите дека ќе дојде вакцина против сите типови на канцер и дека ќе дојде за шест месеци, а дојде за четири недели. Значи, таа истата мРНА вакцина. Тие работи кога ги знаеш во науката и кога тие мислења на некој начин ги споделуваш, можеш многу работи однапред да предвидиш кои ќе бидат проблемите што ќе се јавуваат. Покрај таа мРНА, сајбер безбедноста ќе биде главен проблем и криптовалутите ќе бидат главен проблем. Фармацијата веќе го зеде своето. Со вирус пандемијата од една страна, не спаси, од друга имаа огромни профити и тука ќе има мирување. Трите проблематики заедно со енергетските што ќе настанат и со сите овие последици од војната се нешто предвидливо. Беше предвидлив и вирусот. Ама никој не слуша. Ретко се верува на научниците, затоа што најверојатно зборуваме со други јазици во однос на обичниот народ.

Младите се насочени кон медицина, кон ИТ секторот. Која професија е иднина?

– Има отстапувања. ИТ индустријата, информатичките науки и медицината се тренд, меѓутоа оние интердисциплинарни науки, како науките за материјалите применливи во медицината, биоинформатиката, сето тоа ќе биде нешто кон кое ќе се стремиме. За жал, многу ќе имаме назадување во инженерските, стручните професии и тоа може во даден момент да направи големи проблеми во разни области, меѓутоа тоа е трендот сега. И ќе биде уште наредните 20-30 години со сигурност.

Дали имаме регистер на заминати научници?

– Најмалку 7.000. Имаме многу повеќе надвор, отколку во Македонија. Имаат регистар од дијаспората. Во Македонија постои регистар на научни работници кои се истовремено и универзитетски професори и мал број има што се занимаваат само со наука, а не се во образованието. Тие се околу пет илјади. Се гордееме со нив. Тие помагаат. Сите се патриоти. Добиенот, главно е преку нив. Одиме кај нив, добиваме опрема, наши студенти одат кај нив. Не забораваат од каде се.

Самоук научник

– Кимет Јусуфи е самоук научник кој воспоставил линкови со најдобрите теоретски физичари во светот, работат на теории на црни дупки, работат на нешто фундаментално за кое што Ајнштајн не добил Нобелова награда, меѓутоа Стивен Хокинк бил еден од оние што биле импресионирани од црните дупки. Јусуфи е од единствениот од Македонија, а другите се сите светски познати научници, кои ако продолжат во таа насока, ќе добијат многу брзо Нобелова награда за нивните откритија, вели Гулабоски.

Loading