ДИГИТАЛИЗИРАЊЕ НА ЗАКОНСКИТЕ ПРОЦЕДУРИ ЗА ПОБРЗ РАЗВОЈ

Д – р Никола Мариновски, нов Претседател на УО на Регионалната стопанска комора –  Прилеп

Прилепските стопанственици за прв човек на бизнис заедницата го избраа Д- р Никола Мариновски, кој во следниот 5 годишен период ќе биде претседател на Управниот одбор на местото од досегашниот претседател, Ирена Јакимоска.

– Кој е предизвикот и која е визијата?

Стопанството веќе подолг период се соочува со најразлични кризи. Некои,  по сектори, но некои и заеднички за сите стопански субјекти. Од заедничките, може да се издвојат КОВИД кризата, енергетската криза, како и кризата со немањето доволно квалификувана работна сила. Додека, дополнително по сектори во изминатиот период ги имаме проблемите во секторите за храна, кондиторски услуги, трговија со производи на храна и слично. Самата економска криза, и мерките кои ги донесе Владата со цел зачувување на стандардот на граѓаните и директната интервенција преку замрзнување на цените на одредени прехранбени производи, ги нарушија воспоставените бизнис практики и нормалното планирање на профитот и инвестициите во иднина. Дополнително, економската криза предизвика инфлаторни движења кои го намалија индустриското производство во нашиот регион. Од друга страна, пристапот до свеж капитал од банките за нови инвестиции дополнително се отежна преку зголемувањето на каматните стапки. И ред други работи. Регионалната комора во Прилеп ги опфаќа и општините Кривогаштани , Долнени и Крушево. Таа е комора која има остварено соработка со 17 други комори надвор од нашата држава. Поради наведените проблеми, со поголемиот дел од нив, комуникацијата е намалена, но веќе почнавме да ја обновуваме. Во последниве години доста успешни фирми кои потекнуваат од нашата општина и од помалите општини се претставија на пазарот. Сите тие, преку членство во комората ќе можат да се промовираат во регионот и на странските пазари.

Нашиот предизвик ќе биде да направиме што поголема промоција на нашиот регион, како во земјата, така и во странство. Дополнително ќе воспоставиме посигурна и партнерска соработка со сите органи на државна и локална власт за да можиме полесно и побрзо да ги решаваме проблемите на нашите стопанственици.

Бизнис секторот го кочат повеќе нерешени законски, административни и технички состојби во државава  и општинава. Кои се најголемите проблеми, со што се соочувате?

Некои веќе ги споменав. Обемните законски процедури за најразлични нешта траат со месеци ако не и со години. Мора да се обидиме да ги акцентираме овие точки до надлежните власти за побрза услуга. Насекаде во западно евроспките држави најголемиот процент од овие административни пречки се дигитализирани и многу лесно се движат. Ние сеуште чекаме потпис од некој службеник кој го чекаме да се врати од годишен одмор, или печат за некој документ или слично. Се разбира дека има чесни исклучоци.

Мораме да ги убедиме законодавците дека при носењето на измени и промени на законски решенија треба најпрвин да отворат што поширока дебата за носење на поквалитетни решенија.

Дополнително се редовните измени на законите. Ние имаме толку многу закони на број што не е можно еден стопанственик сите да ги познава. А од друга страна, секоја инспекциска контрола без разлика од која природа, предвидува големи парични казни како на правното лице така и на управителите. Некои работи мора да се менуваат и во тој правец. Се разбира ние ќе доставуваме вакви предлози до соодветните власти и ќе ги искористиме наредните избори, при нашите средби со политичарите да им ги предочиме нашите видувања и нашите идеи.

Како член на Советот на општината, имате поднесено иницијативи за донесување на нови детални урбанистички планови. Колку се проблем, постои ли расположение и дали е воможно стопанствениците да инвестираат во новиот Генерален урбанистички план?

На локално ниво веќе една декада имаме забавен урбанизам. Нема правен субјект кој не се жали за спорите и долги административни процедури за издавање на дозволи за градби. Дополнително имаме стар и неразвоен ГУП кој не соодвествува на барањата на стопанството , а кој е основа за идно планирање односно за изработка на нови детални урбанистички планови. Како член на Советот на нашиот град Прилеп, а исто така и како член на комисијата за урбанизам континуирано ги нагласувам овие проблеми во интерес на стопанството. Исто така, веќе имав и поднесено 4 иницијативи за изработка на ДУП во интерес на стопански субјекти кои веќе се прифатени од секторот Урбанизам и советот на оптината.

Иницијативите за Билјана, Партизанка, Современ Дом и поранешните магацини на Центропромет означуваат дека правните субјекти по приватна иницијатива можат да изработат нивни предлог ДУП како тие замислуваат да изгледаат овие места, во согласност со нивните потреби, но секако претходно да бидат усогласени со генералниот урбанистички план. Овој ДУП е усвоен од  Советот во нацрт верзија. Наредно е, граѓаните и правните субјекти кои имаат сопствена недвижност да ја следат јавната анкета која ќе биде објавена на веб страницата на општината и ќе можат да дадат и свои идеи за развој на својата недвижност. По завршување на јавната анкета, тогаш оди на понатамошна изработка, па потоа на одобрување во Министерството за транспорт и врски, па повторно на јавна анкета кај граѓаните како финална верзија и на крајот ќе се најде на усвојување пред советниците. Процедурата е долга и доколку ги мотивираме службите побрзо да ја вршат работата може побрзо да се донеси овој ДУП. Како член на советот секако дополнително ќе се залагам овие ДУП кои ги опфаќаат стопанските субјекти да добијаат на динамика и побрзо да се донесуваат.

Како да се надмине недостигот на работна сила и носи ли резултати дуалното образование?

Би сакал ова прашање да го одговорам преку еден личен пример. Кога средношколците согласно дуалното образование обавуваат практична настава , еден од нивните часови е да напишат автобиографија и да одиграат една симулација на интервју за работа кај работодавач. Кога јас лично спроведував такви интервјуа со учениците , бев длабоко разочаран дека 90 % од нив , сопствената иднина ја гледаат или надвор од држава или во најблага варијанта надвор од нашиот град. Од тоа добив слика дека ние со дуалното образование само подобро ги спремаме децата и побрзо ги испраќаме надвор. Дополнително , поголемиот дел од нив и воопшто не се заинтересирани да работат струката која самите ја избрале за своја професија. Поголемите стопански субјекти се принудени да стипендираат и веќе стипендираат ученици на факултетите, но нема голема гаранција дека стипендирантите ќе останат во нивните компании. Или и да останат тоа е на рок до 5 години. Досегашниот претседател Ирена Јакимоска пред 2 години го пренесе нејзиониот став и ставот на стопанствениците дека преку увоз на работна сила можи да се ублажи ситуацијата, кој тогаш не беше прифатен од граѓаните. Денес се констатира дека била во право. Тема веќе ја експлоатираат граѓаните, повеќе отколку стопанствениците. И оваа идеја оди тешко заради законски пречки. Нашите надежи и понатаму генерално ќе се темелат кон дуалното образование и да ги убедиме младите да останат во нашиот град. Тоа е нашата мисија. Не само заради работната сила, туку и од економски аспект. Тие се идните конзументи на целокупните производи и услуги кои ги произведуваат микро и малите претпријатија, занаетчиите, индивидуалните земјоделци… Секако увозот на работна сила стои како опција, но во овој момент тоа се прави само во исклучителни случаи.

Соработката на Регионалната стопанска комора со Битола, регионот и пошироко. Највени е посета за Турција и слично?

Соработката со Регионалната комора од Битола секогаш била одлична, па така и ќе продолжиме. Преку најразлични проекти за погранични соработки и меѓуопштински соработки ќе го јакниме капацитетот и понудата на нашите два региони. Веќе ја обновивме комуникацијата со комората во Тире, Турција која брои повеќе од 1800 членки. Испративме список со јасни контакт детали од членките на нашата комора и го очекуваме списокот од нивните членки. Потоа, ќе биде испратен до нашите членки и сите кои имаат одреден интерес за соработка ќе можат меѓусебно да контактираат. Начелно договорена е посета во средината април. До тогаш ќе се средуваат деталите околу соработката.

За женското претприемништво, кои се формите на поддршка?

Капиталот, а и комора не препознаваат машко и женско претприемништво. Жените се рамноправен партнер. Немам почувствувано дека некој стопанственик има проблем што некоја жена се наоѓа на чело на друга компанија или институција. Напротив, комората ја водеше доста успешна жена во изминатите 5 години и која, за наша среќа, понатаму ќе работи во комората како потпретседател. Можам да набројам десетици храбри и успешни жени од градов кои до денес не побарале посебен третман од нас мажите само затоа што се жени. Тие се рамноправни во секој поглед.

Патната инфраструктурата е сериозен проблем. Очекувања и ветувања?

Регионалната стопанска комора без исклучок на сите состаноци до денес со било која централна власт бара автопатско поврзување на Прилеп со Велес преку Дервен или Бабуна. За жал не сме наишле на разбирање. Успеавме да добиеме поддршка и од региналната комора во Битола, но на крај добивме автопат меѓу Прилеп и Битола кој уште не е почнат. Се надеваме на брза реализација и пуштање во промет на експресниот пат преку Плетвар, кој во овој момент е преодно, но не и трајно решение. Под итно потребни се инвестиции и во железничкиот сообраќај и пуштање во промет на пругата кон граничниот премин Меџитлија. Не можеме да дадеме ветувања за овие прашања, сепак патната инфраструктура ја гради државата. Ќе ги искористиме овие парламентарни избори да изнудиме некое ветување во таа насока.

Кој е Никола Мариновски?

Роден во Прилеп во 1983 година. Оженет. Татко на 3 деца. Образованието е стекнато во Прилеп и надвор од Македонија. По вокација Доктор на економски науки од 2016 година, докторирал на Економскиот институт во Скопје. Работно искуство од повеќе од 20 години исклучиво во приватниот сектор. Член е на Ротари клубот Прилеп. Течно говори англиски јазик. Ги познава и германскиот и се служам со јазиците на поранешна Југославија.

Што добива секој член во асоцијацијата?

Преку членството во комората првин се добива препознатливост. Таа претставува здружен глас на една од најважните ако не и најсилните гранка во едно општество, а тоа е стопанството. Со членството и преку дискусиите кои се водат на седниците, се истакнуваат проблемите, се споделуваат идеи за решавање на проблемите, идеи за заеднички развој, пристап од фондови и слично. Секоја членка може да придонеси за дополитлна вредност, најпрвин кон својата компанија, како и кон останатите компании.

Loading