Интервју со братот и сестрата, Сашко и Панде Самарџиоски, главни директори на Прилепската пиварница

Како се чувствувате, како го доживувате реткиот јубилеј, едновековното постоење на Прилепската пиварница, како нглавни директори со вашата сестра?
– Еден век постоење на македонска компанија е навистина реткост во нашата држава и дотолку е причина повеќе за сите ние, вработените во компанијата да се чувствуваме среќни и горди што сме современици на овој голем Јубилеј. Многу генерации минале низ компанијата сите овие години и да се биде баш дел од нејзиниот 100-ти роденден е навистина посебно чувство, кое не се опишува со зборови.

Здравите темели се поставени од вашиот татко Кирил со менаџерскиот тим. Дали се исполнети неговите сни за одржување на традицијата, за унапредување на Пиварницата, па и мечтите на претците и наследниците на основачите на Пиварницата пред сто години?
Да, точно е дека една од најголемите заслуги за пиварницата да опстани и да стане релевантен фактор во стопанството во Македонија ја има нашиот татко, Кирил Самарџиоски кој целиот свој живот го посвети на компанијата, најпрво да ја одржи во живот, а потоа и преку бројни инвестиции да ја издигне на ниво да биде еден од столбовите на прилепското стопанство и воопшто на економијата во државата. После неговото повлекување од раководењето со компанијата во 2007 година, со мојата сестра ја презедовме водечката позиција. До ден денес растеме и се развиваме и мислиме дека добро го продолжуваме неговиот пат. Негова животна желба беше да се радува на 100 годишнината од основањето на пиварницата, но за жал Господ имал други планови, па ете не успеа да го доживее овој ден. Тука не смее да се заборават и првите основачи на Прилепската пиварница, браќата Грданоски и Домле Јованоски кои биле пионери и претприемачи во тоа време кога решиле да преземат еден таков крупен чекор да направат компанија за производство на пиво, која важи за прв индустриски капацитет во Прилеп. По 100 години од нивниот потфат мислам дека и тие би биле горди на тоа како изгледа и на кое ниво се најдува пиварницата.

Човечките ресурси и идеи се најбитни за компатитивните потенцијали компаниите, заедно технолошкиот прогрес и иновации?
– Во секој случај компанијата немаше да биди ова што е сега ако во неа немало и нема луѓе кои со своето знаење, вештини и многу често надчовечки напори не се вградиле целосно во секоја фаза од нејзиното функционирање. Знаете, една поголема компанија е всушност составена од многу сектори и одделенија кои мора да функционираат беспрекорно за на крајот да имате успешни резултати и убава слика. Во сите тие сектори и одделенија има луѓе кои имаат свои карактери, различни потреби, различни погледи на работите и идеи. Сето тоа треба некој добро да го менаџира за да функционира успешно целиот систем. Со оглед на тоа дека сите овие години компанијата работи успешно, значи дека добро се справуваме со сите предизвици и дека имаме вработени на кои можеме да бидиме горди. Со такви вработени сите инвестиции, сите планови за раст и развој полесно се реализираат и се ефектуираат.

Каква е бизнис климата во земјава?
Бизнис климата во нашата држава никогаш не била лесна. Многу често, на конференции и бизнис форуми надвор од државата знаеме да си кажеме меѓу себе “Лесно е да зборувате и да правите бизнис каде што системот и државата функционира. Дојдете кај нас да ве видиме дали ќе можете да опстаните”. И тоа, навистина, така го мислам. Сите оние компании кои овие триесетина години имаат успех, треба да се респектираат и да им се даде голема благодарност затоа што многу работи се случија во оваа наша држава, кои се далеку од поволна клима за водење бизнис. Да се надеваме (а се надеваме 30 години) дека ќе дочекаме еднаш за секогаш системот да профункционира како што треба и дека државата ќе успее конечно да го ослободи бизнисот да функционира на релаксирани економски постулати.

Каде ќе се движи Пиварницата во вториот век од постоењето?
– Правецот, заземен уште пред дваесетина години, па до ден денес, е истиот по кој планираме да продолжиме и понатаму. Тоа е преку континуирани инвестиции во вработените и нивниот развој, производството, продажбата, маркетингот, логистиката и заштитата на животната средина да обезбедиме сигурен раст и прогрес на компанијата како на домашниот пазар, така и надвор од него.
Дали утрешниот концерт ќе биде последен настан за одбележување на јубилејот?
Одбележувањето на 100 години од постоењето на Прилепската пиварница не е само еден настан. Од почетокот на годината почнавме со низа настани да го чествуваме нашиот голем јубилеј. Направивме корпоративно видео преку кое ја пренесовме нашата историја до ден денес. Имавме еколошка акција за засадување на 100 дабови дрвја кај манастирот Св. Ѓорѓија во селото Селце. Направивме гала настан во Скопје со гости од земјава и од странство, наши партнери за да наздравиме за сите овие години заедничка соработка. Со настанот во Прилеп сакаме да им се заблагодариме на нашите согрѓани за сета поддршка која ни ја даваат сите овие години и за нивната лојалност кон нашите производи со една супер забава со реномирани музички уметници , кои сигурен сум дека ќе им приредат мигови за паметење. Ова не е крај на настаните. Планираме да организираме уштее до крајот на годинава. Имаме и настан само за нашите вработени со нивните фамилии кој ќе се одржи во октомври, а потоа имаме и уште неколку забави од помал карактер во другите градови.
Концерт, наместо торта
Под мотото, “Да славиме заедно” утре вечер (13.јули) Прилепската пиварница ќе го слави стогодишниот роденден на централниот плоштад во Прилеп. На прославата за вековниот јубилеј на компанијата ќе настапат нашите ДНК, Тропико Бенд и најдобрата Марија Шерифовиќ.