НЕМАШЕ КОЈ ДА МУ ДАДЕ „ПРОСТАМОЛ“ НА „НАТОПОРЕНИОТ“

По неколку години електронско одбројување на градскиот часовник преку засилувачи, компјутери и звучници, кои релативно автентично го доловуваа удирањето на старото мандало на камбаната, неколку дена часовникот пак беше нем. Локалните власти како да не забележуваа и да одговорат или да кажат кога ќе се отстрани дефектот, дали е можно да се отстрани и да се чуе препознатливиот глас на саатот што го мери времето на секој час, но и на половина час со еден удар. Исчезна староградската химна на Прилеп, што се разлеваше од грлото на Гога Зафироски секој ден на пладне.

Мандалото е парализирано, засега без знаци и најави да се раздвижи и пак да го одбројува времето. “Натопорениот”, како што мајтапчиите го викаа саатот, е штир, безгласен, безсилен. Ја загуби “потенцијата”. Моли за “Простамол”. Никој не го боли главата, иако е постар од лондонскиот Биг бен. Калдисан и јалов, а корпулентен со става од 38 метри. Не функционира градскиот белег, кој покрај Марковите Кули, е историско сведоштво со возраст од повеќе од 170 години и го има во амблемот на Општината.   

Loading