ГОЛЕМ ПЕТОК – ПРАЗНИК НА ВАРОШАНИ

– Градот го имал за слава и празник, оти селаните доаѓале на гости кај градските роднини и пријатели

– Зурли и тапани ечеле и се виеле ора пред урнатиот хотел Јадран

Денес се празнува Голем петок познат како Балаклија. Празник за Варошани, кои ќе ги отворат портите на своите куќи да ги почестат добронамерниците кои ќе им дојдат на честитање на празникот. Ќе се одржи традицијата од памтивек. Ќе се зготви вкусна јанија, ќе се налее со ракија, вино, ќе се запее песна.

Варош слави во празнично руво. Адетот се пренесува од колено на колено кај вредните варошки фамилии.

– Идеа гости, роднини, до ручек. Сето беше полно, салонот, собата. Од порта до горе, полно народ на честење. Поблиските остануваа долу на ручек. Немаше време да ги почестиш сите гости. Се плашевме некој да не остане непочестен, па да “фати кусур”. Под манастирот пак, кај Дебој, сето беше ора, тапани, музика, гајди, свирки. Од училиште до манастир поредени тезги, панаѓур. После се слегуваше кај стара На – Ма. И на градските им беше Денот со многу гости – се сеќава една варошанка.     

Ама претходно ќе се појде на манастирот Свети Архангел Михаил да се запали свеќа за здравје, среќа и бериќет.

Манастирот, сместен меѓу грамадните карпи на Марковите кули, предизвикува интерес, не е само со убавината, туку и со исцелителната моќ на водата која извира од кладенецот. Марко Цепенко забележал, дека во турско време некое дете се измокрило во отвореното кладенче, по што се вкочанило и ослепело. Молитвите и миењето од водите на изворот му помогнале да се излекува. Монашкото сестринство кладенецот го нарекува богородичен извор. И ден денес многу луѓе ја почитуваат легендата и доаѓаат по илач.

Во манастирскиот комплекс, насреде е црквата, од едната страна камбанаријата, а другата конаците. Со заложби на Министерството за култура изграден е и источниот конак. Од двете страни на влезот во црквата во цел раст се насликани фигури на кралот Волкашин и на Марко. Манастирскиот комплекс е познат и по фрагментот од фреска од 12 век на “Св Архангел Гаврил”. На мермерните колони на тремот пред влезот на црквата се наоѓа сочуван запис на кирилско писмо од 996 година, на кој се споменува смртта на Андреа. Овој натпис е втор по старост со кирилски букви.

Тука живеат монахињи кои сликаат икони по преданието, во ореово дрво, со заднина од 24 каратно злато, обоени со природни пигменти, растопени со жолчка од јајце.

Црквата датира од 11 век. Кон некогашниот храм била доградена “западната црква”, во која има сочувани фрески од 13 век, меѓу кои и ктиторскиот кој го држи моделот на црквата. Еден век подоцна, во 14 била зографисана “источната црква”. Во 16 век се обновил источниот дел од храмот. Во 1861 година, во црквата е поставен свод, изграден е отворен трем и реновирана е камбанаријата. Кога завршила обновата, се изградило и западното крило на манастирските конаци. Божјиот дом има форма на еднокорабна градба со нагласен источен и западен дел.

Loading