ТУТУНОТ Е ПОВЕЌЕ ОД РАСТЕНИЕ

150 години Тутунски комбинат Прилеп (5)

Тутунски комбинат Прилеп е нераскинливо врзан со она по што Прилеп е најмногу познат –  тутунопроизводството. Прилеп е првиот град во Македонија каде почнало организирано тутунопроизводство, главен производствен центар за тутун, цигари и научни сознанија за тутунот и центар на тутунската индустрија на Балканот.

– Во Прилеп тутунот е повеќе од растение, тој е културен и социјален феномен. Овде, според тоа кога се сади тутунот, кога се ниже, суши, кога се предава и се очекува да се добијат пари од вложениот труд, се прават планови за семејни настани, инвестиции во образованието на децата и во домот. Во Прилеп го имаме и настариот Институт за тутун кој наредната година бележи 100 години постоење, но исто така и Музеј за тутун. Едноставно, оваа култура е белег на Прилеп и прилепско – вели Кире Станкоски, генерален директор на ТКП.

Деновиве тутунарите интензивно го подготвија расадот и започнаа со садење. А дека садењето било настан кој барал ангажирање на многумина сведочи и еден текст од Народен глас од април 1968 година.

“Секоја година кога пролетта ќе донесе грстови сончевина над овој град, во полето се растураат неговите жители и животот за час се пренесува во нивите – по тие недогледни пелагониски рамници во кои се всадуваат тутунските стракови.

Корен по корен – стотици илјади, милиони корење се всадуваат на ден. Телата на тутунарите уморно се издолжени надолу, чиниш раката намерно зараснала за рачката од дрвеното колче кое ги втиснува корените, за да се намалат болките на дланките плускави.

И ден по ден, педа по педа се полнат површините со оваа култура која зазема едно од најголемите места во остварувањето на општествениот – бруто продукт на нашата општина” – се вели во текстот.

А тутунарите последниве години имаат и поддршка од државата за секој килограм откупен тутун. Деновиве беа исплатени субвенциите за тутунот од реколтата за 2022 година од над 26, 3 милиони евра на сметките на речиси 16.000 тутунопроизводители.

Loading