ФУДБАЛСКО ИГРАЛИШТЕ ИЗОРАНО ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА

На спортскиот центар

Ретко кој доаѓа кај фудбалското игралиште на спортскиот центар Маркови Кули до градскиот базен, поради долго отсуство на фудбалски натпревари. Изоран е речиси половина од теренот. Тревата е извадена, а на останатиот дел уште расте неконтролирано без косење, додека четворица млади атлетичари тренираат околу игралиштето.

Боро Темоски, сопственикот на фирмата Маркови кули, која стопанисува со спортскиот центар во кој се и базенот, и салата, и придружните објекти, и тениското игралиште, вели дека на теренот израснал пиреј и троскот. Се изорал како подготовка за претстојна реконструкција.

– Секоја трева на фудбалско игралиште има рок на траење. Оваа е 25 години. Треба да се обнови. На тој дел планираме два терена за мал фудбал. Има проект и инвеститор за целиот центар, вреден 20 милони евра. Во контакти сум со Владата и потенцијалниот инвеститор кој е сериозен партер за влез во спортскиот центар со изградба на придружни објекти во согласност со новите архитектонско урбанистички текови за објекти од спортско рекреативен и забавен карактер – вели Темоски, не откривајќи го името или комапнијата на можниот иден инвеститор.  

 Додека се регулираат односите, односно ако се обезбеди државна виза за комплетно уредување на просторот, фотографиите од фудбалските мечеви од општинската лига предизвикуваат спомени за жалење и плачење. Центарот беше дом на малите фудбалски клубови од општински и регионален ранг. Се биеја пријателски и првенствени мегдани, се калеа млади фудбалери и талентите излегуваа на виделина.

Loading