ИНКЛУЗИВНО ДЕТСКО ИГРАЛИШТЕ НА МОГИЛА

До крајот на годинава

Ќе никне инклузивно детско игралиште на Паркот на револуцијата. Ова е одлука на граѓаните преку Форумот на заедници, како да се користи донацијата од околу 60.000 долари од швајцарската влада, Министерството за локална самоуправа и УНДП. Општината ќе учествува со 20 отсто. Инклузивното детско игралиште треба да биде завршена до крајот на годината.

Ќе се бараат средства од други извори за лифтови за лица со ограничено движење во СОУ „Кузман Јосифоски Питу” и „Ѓорче Петров” и за уредување на дворот и воведување на спортски реквизити и содржини во детските градинки.

– Со други фондови ќе се обезбедат средства за учениците и за детстките катчиња за најмалите – вели  градоначалникот Борче Јовчески.

-Во оваа фаза се вклучени 10 општини, меѓу кои и Прилеп. Општината сериозно аплицира да ги добие овие средства. Не се големи средствата, но се од големо значење. Тие се општествено добро за сите граѓани. Доброто спроведување на форумите и проектот се дополнителна можност да се приклучат и другите донатори. Се надевам дека другите два проекта ќе најдат место во некоја друга програма – рече Владимир Величковски, модератор на проектот.

За претседателот на Советот, Дејан Проданоски, добро е што граѓаните учествуваат во изборот на трошење на јавните пари.

– Овој тренд ќе продолжи. Граѓаните учествуваа со предлози лани при подготовката на буџетот за 2023 г. Дел од предлозите фатија приклучок во општинскиот буџет. Направен е дополнителен правилник како треба да се практикува оваа алатка – вели Проданоски.

Граѓаните сметаат дека на градот му е потребно игралиште за сите деца.

Loading