„ЖИВОТОТ Е РАДОСТ И БОЛКА“ – СЛИКА НА КАРАКТЕРОТ

Книга на Благоја Бошкоски – Окото

Збирката на правила и мисли “Животот е радост и болка” на пензионерот Благоја Бошкоски – Окото е негов прв обид на полето на книжевноста, и тоа во нејзината најкратка форма, позната како афоризам. Афоризмот, по правило и најчесто и сега и во минатото, се дефинира како кратко, збиено искажана мудра мисла. Вели дека е полн со инспирација. Нема да застане со првата книга. Подготвува втора, оти сите пензионери треба да се релаксираат на разни начини.

Афоризмите на  Бошкоски се систематизирани во 18 меѓусебно поврзани поттематски групи со следниве наслови: Живот, Љубов, Мудрост, Законот на животот, (како да се живее, страв, жената, силен дух, вистина, среќа, искуство, медитација, судбина, скромност, срцето, свесност, позитивност, негативност и карма).

Зошто се определил за ваква литература, што сакал да предочи Бошкоски?

– Цел живот ме интересираат поуките. Мотив се две мудрости. Првата дека смислата на животот е човекот да не застанува, да биде активен, да работи. Втората е дека во животот треба да работи корисно, да се сака и да личи на карактерот – вели Бошкоски.

Според него, “во животот владее љубовта”. Додава дека “љубовта е најдобриот пат во животот”, или како што стои запишано треба да се “љуби разумно”. Во делот како да се живее се осврнува дека “законот на животот е добар, ако правилно се применува”, додавајќи “највисока форма како да се живее е да бидеме на страната на доброто”, или “во животот да не се прифаќа туѓата игра”, “ако правите добро, не плашете се од ништо”. Во делот за мудроста вели дека “мудрост е да му служиме на народот”, или “кој е одмерен, тој е мудар”, “мудриот човек е трајно среќен”, “мудроста е извор на најголема  моќ”, “мудрост е да знаеме дека луѓето се скапоцени”.

Во “Срце” Блаже Окото вели дека “срцето е најсилниот водич на животот”, или дека “во срцето има душа”, “срцето се труди тоа што го размислува умот, да се претвори во реалност”, “срцето е живот, сегашност и иднина”. Пораката е “над сé, чувај те го срцето, зашто животот извира од него”.

Рецензентот Слободан Беличанец пишува дека се вградени колективни и лични мудрости од минатото и од сегашноста, оддел се во интегрална верзија, со точно означување на авторот.

–  Не  на многу страници, авторот пласира најмногу погледи врз основа на неговото лично и семејно животно, образовно и професионално искуство, искуства на современиците и средина и она што се искуства на родната земја и народ и светот и човештвото во целина – вели Беличанец.

Во освртот на Тодор Алексоски за првенчето на Бошкоски, се укажува на силниот дух, судбината, медитацијата и срцето, како носечки мотиви во афоризмите.

– Книгата е пишувана со силен емотивен набој, зборува за љубовта која дава сила во животот, за срцето кое има душа. Срцето е најсилен водич во животот, центар на нашата моќ – вели Алексоски.

Бошкоски е пензионер, роден е во Прилеп. Пет години е во пензија. Во Прилеп го завршил средното економско училиште, а потоа ја завршил Вишата комерцијална школа. Дипломирал на Правниот факултет на скопскиот универзитет. Работел во Медицинскиот центар во Прилеп. Бил на раководни и одговорни места, секретар и раководител на работната заедница. Во 1996 година се вработил во Здружението на возачи на местото секретар. Од 2010 година е управител на трговското друштво Центар за возила Прва Прилеп, од каде заминал во пензија. Во долгогодишната професионална кариера активно учествувал во општествено-политичкиот живот. За несебичната работа, носител  и добитник е на повеќе признанија и благодарници од повеќе организации и институции. 

Loading