СТРУМИЧАНЕЦ – НАЈРЕДОВЕН НА ПРИЛЕПСКИОТ СТАДИОН

Живот: Зоран Николов, професор по географија и голем спортски љубител

Од летото 2021 па наваму, откога е пуштен во употреба стадионот “Гоце Делчев”, на трибините има илјадници гледачи, но оние што се најредовни, не се сите прилепчани. Меѓу нив е струмичанецот Зоран Николов, професор по географија во ОУ “Св. Климент Охридски” и во СОУ “Ристе Ристески – Ричко”. Прв доаѓа, секогаш на исто место од покриената трибина, за да има најубав преглед на целиот терен. Како струмичанец се приврза за Победа?

– Се преселив во 1992 година во Прилеп. Уште тогаш Победа беше поим за фудбалот. Играчите играа од љубов, а гледачите оставаа секакви други активности во неделите и одеа на стадионот. Тутунот ненанижан го оставаа, го гледаа натпреварот, па потоа кога се враќаа ќе го донижат. Стадионот се полнеше кога Победа игра во недела. Никој не жалеше да 100 денари за влезница. Затоа што натпреварот е доживување, исполнува – вели Николов.

И да врне и да вее, колку и да студи, ако има само еден присутен на трибината, тоа ќе биде струмичанецот. Кога беше турнирот “Св. Никола” во мал фудбал во Универзалната сала, секогаш меѓу првите беше тој. Еднаш дојде толку рано, што беше единствениот гледач. Некој го сликаше да се види кој е најголемиот љубител на оваа игра. На последниот турнир во ОУ “Добре Јованоски”, доби благодарница за најредовен посетител. Секаде е опкружен со истомисленици, “запаленковци”.

– Знам точно кои се најзагреаните навивачи. Тие не одат само на натпревари, ами и на тренинзи. Првиот собир кога е, тие сакаат први да разберат кои се нови играчи, кои заминале… Толку се занесени по фудбалот, што секој настан им е празник. Ги разбирам. И јас сум истиот. Како некој што оди редовно во казино, обложувалница, така и ние по стадиониве. Тоа е влезено во крвта. Да сум некој и нешто во Победа, на тие луѓе би им дал бесплатна блок-карта за цела година. Тие даваат поддршка и на тренинзи, не само на натпревари. Цел живот се со Победа – смета професорот.

Тие што не се толку загреани за фудбалот им се чудат на овие што редовно одат и не пропуштаат натпревар, покрај слабите игри и резултати. Победа од слаба-послаба, многу голови примени – малку дадени. Така и на пријателските и на првенствените натпревари.  А гледачи пак многу. Отстрана  ова е тешко сфатливо. Може да го објасни само човек токму од категоријата најзагреани навивачи.

– Кога гледам слаб фудбал, се разочарувам. Си велам, следниот пат не доаѓам повеќе. Ама поминува една недела, и почнуваш подруго да размислуваш. Си велиш ајде два часа да “отепам” на стадион. Можеби ќе биде нешто подобро, ќе има некоја акција… Секогаш пак надеж дека ќе биде подобро од претходниот пат. Всушност, џабе се разочаруваш, и си велиш дека повеќе не доаѓаш, кога се знае дека по две недели пак ќе појдеш –  ја открива фудбалската психологија.

Најинтересно беше лани, во Втората лига – Исток. За влез во највисокиот ранг се бореа Победа и Беласица. Во Прилеп беше пресудното дерби. Убедливо, со 3:0 победи Победа. Како се однесува струмичанецот, кој е половина прилепчанец? Човекот кој ја имал при срце Беласица, а сега и Победа?

– Навивав за Победа, оти сакав да гледам тука во Прилеп прволигашки фудбал. Не можам да одам во Струмица. Овде сум и овде сакам да ги гледам сите натпревари. Тоа ми одговара, затоа навивав за Победа. Ако некогаш сум ја сакал Беласица, кога сум ја запознал Победа, сум ја засакал и неа и Прилеп, фудбалскиот град каде живеам веќе три децении – ја откри и оваа тајна, Зоран Николов.

Сака и ракомет и кошарка

Професорот Николов не е љубител само на фудбалот. Не пропушта и други спортски настани. Така е навикнат од дете. Со татко му прво ја гледа Беласица низ цела Македонија. Со автомобилот патуваат сегде каде игра струмичкиот тим, во Скопје, Тетово, Богданци, Валандово… Кога студира во Скопје, од понеделник до петок учи и оди на предавања, а викендите ги резервира за спортските натпревари. Според распоредот во весниците, таму оди во салата “Автокоманда” на ракомет за Металург, на стадионот “Железарница” на фудбал за Металург или Скопје, на Градскиот стадион за Вардар, во салата “Парк” на кошарка за Работнички, во “Јане Сандански” за МЗТ. Не му е важно кој игра, важно е да гледа.

– Сум го гледал и Тутунски комбинат кога беше многу силен и се бореше за титулата. Ракометот не го пропуштам и сега, во салата од “Ристе Ристески – Ричко”. Гледам мечеви и на теренот со вештачка трева, каде играат ученици на кои им предавам. Тие ме информираат кога имаат натпревари во младинските лиги, обично во недела од 10 и 12 часот, некогаш и во среда. Секогаш ме потесетуваат преку Вибер или Месинџер. Ме интересира буквално сé од спортот. Кога учениците имаат час по физичко, ако немам час, застанувам в сала и ги гледам.

Loading