ВЕЛИКИ ПОКЛАДИ ИЛИ ПРОЧКА

Празник на простувањето и преправањето

Децата се маскираат, се проштаваат и одат по роднини собирајќи пари

Касапите се носители на традицијата

Празникот Велики поклади или кај народот познат како Прочка е седум недели пред  Велигден.

Прочка е обичај што прилепчани го негуваат со години. Адето под маски се слави од памтивек. Најинтензивно и доследно се славел по селата пред Втората светска војна. Опаѓање се бележи до осумдесетите години. Потоа се ревитализира спонтано. Децата маскирани одат по роднини каде се проштеваат со постарите и добиваат пари. Понекогаш се оди од куќа до куќа без да се води грижа за тоа дали посетените се познати или не.

Со карневалската манифестација, Прочка доби масовност, заради општата тенденција за ревитализирање на обичајот.

Историските извори посочуваат дека во Прилеп освен мечкарската постоела и друга оригинална маска, а тоа е камилата.

Обичајот се поврзува и поради убедувањето дека Прочка е касапски празник, еснафски ден. Касапите се носители на традицијата на маски. Се “преправаат” во мечки. Маскираните поворки се нарекуваат маскари, карневали, сурати, бабари, бабудери, дервиши, василичари, дељо, вампири, ешкари, странци, мечкари, камилари, древло, џамалари, топачето, станичари… Сите маски асоцираат моќ и плодност. За Прочка дозволено е раскалашено однесување. Затоа обредот е следен често со движења кои асоцираат на неморал. Глумејќи дива орда, мечкарите ја претставуваат митската тајна на плодењето и на бесмртноста низ непрекинатите раѓања и смртта.

Најчесто денот се поврзува со простувањето со најблиските. Освен црковното одредување на датумот на проштавање, нема други христијански елементи. Комплексот обичаи под маски е покриен со древната митологија, свети приказни кои се кај нас изгубени или задржани во рудиментирана форма. 

Маските не биле во употреба до првите десетлетија на минатиот век. Дојдени се преку јудео – еспањол – говорот на македонските Евреи во форма маскара – како навредлив збор. Пред тоа, се употребувал зборот сурат, што значи образ, физиономија. Макирањето е еден вид канализирање, страв против страв од непогоди, суши, мразеви, поплави. Со страшни маски се плашат караконџолите, вампирите, таласламите… Со маските, луѓето ја губат личноста за момент и се поистоветуваат со предците.

Кожи за сурати

Маските можат да бидат зооморфни, (животински), антропоморфни (човековидни) и комбинирани. Можат да се поделат на поединечни; традиционални и новоосмислени; индустриски и рачно изработени; страшни, комични и тн. Облеката на маскираните мора да биде во врска со маската, а се користат кожи, крзно, слама, стари искинати алишта, разни ремени, каиши, облека од разни професионални и социјални групи (цилиндри за на глава, делови од униформи на полицајци, доктори, пожарникари, војници и сл). Другите реквизити можат да се поделат на традиционални и неформални. Во обредот учествуваат само мажи, но веќе се среќаваат и жени.

Маските се со драмски елементи, умирање и воскреснување на старецот; мртви ликови и нивно воскреснување (џамалар, легач, бабар, кончар), удирање, потфаќање, мешање, тропање со стап или коледачка, плаќање откуп на поворката, изнудување дарови за воскреснување на мртвиот, блосоење; грабнување на невеста, карикирана свадба, исмевање на свештеници, пеење на безобразни песни и други нетрадиционални сцени кои зависат од оригиналноста и персоналитетот на учесниците.

Простувањето напредок во животот

На прочка луѓето се простуваат. Што му вреди човечноста ако на ближниот не му се прости навредлив збор или навредлива постапка. На навредливи зборови се одговара со молчење, а на недозволени дела, не се враќа. Без простување нема напредок и соживот меѓу луѓето, во меѓу државите, меѓу загубените љубови, скараните браќа, роднините, пријателите драгите, меѓу нетрпеливите соседи.

Loading