СУРАТИ ЗА ТРАДИЦИЈА И ВЕДРИНА

Прочка

Повеќе ведрина, оптимизам, радост и насмевки, оставајќи ги проблемите на страна, како и негување на старовековната традиција на маскирање и простување го карактеризираат празникот Велики Поклади, што кај нас се прославува и масовно веќе 21 година со карневалот Прочка.

Со изложбата на маски креирани од децата од основните училишта во ликовниот салон на ЦК “Марко Цепенков” се отвора тридневната фешта во маски што ќе трае од денеска до недела и ќе биде финализирана со забави под маски во угостителските објекти.

Локалните власти и Здружението Прилепски мечкари очекуваат околу 500 учесници во поединечни и групни сурати. Оценуваат дека со одржувањето на традицијата, на новите генерации се пренесуваат старите обичаи и културното наследство.

Организаторите доделуваат награди за најинвентивно подговена маска.

– Централен настан е дефилето во маски в недела. Ќе се претстават групни и поединечни маски од Прилеп и од други градови од Македонија. Претставување со кореографија и музика ќе биде на плоштадот “Методија Андонов – Ченто”, после дефилето низ дел од булеварот. Како придружна програма за збогатување на празничната атмосфера е предвидено куклено шоу, магионичари, жонглерски и други атракции – велат од општината Прилеп.

Носителите на најатрактивните маски ќе добијат награди.      

Loading