БОРБА ЗА ПОДОБРО УТРЕ

Две книги на Билјана Павлеска

“Јас не би била јас” и “Биди победник” се двете творби од Билјана Павлеска, кои ќе бидат претставени в понеделник во ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков”. Промоцијата ќе биде илустрирана со изложба на слики на авторката за лицата со ретка болест.

Павлеска е сопруга и мајка на две деца со кои е посебно горда и среќна. Но, судбината í приредила болно и непријатно изненадување. Таа живее и се бори со ретко автоимуно заболување.

– Си ветив – вели таа, пред сé, поради семејството, а со помош на божјата милост и силата дека ќе ги победувам сите стравови. Во 2020 г. ја издадов првата книга “Биди победник”, посветена на лицата со ретки болести Им дадов важност на добрината и позитивноста, на љубовта, на помагањето едни на други. Без сето тоа ние сме никој. Во новата книга, стихозбирката “Јас не би била јас” е испреплетена тагата, а чувството на среќа како да подизбледело. Некогаш на вагата натежнува тагата. Тоа не значи дека не треба да се бориме. Напротив, треба да се зацврстиме, да бидеме посилни да го вратиме сјајот на среќата, како што потенцирам и во некои стихови – вели Билјана.

Павлеска наоѓа голема исполнетост во изработката на слики, создадени на дрво со камчиња кои се претставени во стихозбирката.

– Животот не е совршен. Тој е голема борба. Ние, како борци, да не оставаме ништо за после, затоа што животот е краток. Животот е еден и да го живееме. Животот е дар од бога и треба да го цениме. Можеме животот да го направиме одличен. Треба да се избориме за подобро утре – додава Павлеска.

Loading