КЕФ МУ Е ДА ГИ МАЗНИ СО ЧЕТКАТА ДУХОВНИТЕ ДОМОВИ

 “БЕЛИТЕ” РАЦЕ  НА МОЛЕРОТ АНДОН ПЕОВСКИ

Сé што ветил и исполнил Андон Пеовски, молерот, кој нема куќа во која не влегол, не ги обелил ѕидовите на собите. Пензионерот “фрлил” четка и во колективни објекти, во згради во ходници, во институции… Посебен кеф му претставува молерисувањето на цркви, манастири и конаци. Таму раката му “лета”, можеби затоа што се духовни домови, и што сето тоа го работи бесплатно за здравје.

Пензионерот не мирува ниту на 74 години. И сега ги фаќа скалата, четката и боите да ги дотера божјите домови.

Умот го држи, како срча. Памти од поодамна. Од ученик ги совладал “тајните” на занаетот. По основното училиште, го учел средното индустриско. Полагал испити за автолакер. Ама наместо да бојадисува во разни колори, молерисувал одаи, куќи станови. Работел во фабриката за расветни тела Пролетер. И таму бил “молер”, ама со лакови за лустерите. Паралелно ја “терал неговата љубов” молерисувањето на фасадите. Молерисувал години на објектите на градежното претпријатие Прилепец.

– Се определив за занаетот, кој како да ми остана наследство од татко  Вангел со егејско потекло. Татко ми и мајка ми, по граѓанската војна во Грција, се протерани од Каљари, зад витолишката  Железна врата. Тој беше мајстор, а јас сум роден овде, во Македонија. Сум бил повеќепати во родното село на моите. Имам први братучеди. Доаѓаат и тие на гости. Повозрасните браќа беа  родени од другата страна на границата. Такви биле времињата, мачни и несигурни – додава  Андон.

Во градов го познаваат многумина, оти им ги варосувал домовите, дуќаните, објектите…

Без фалење, туку од гордост вели дека за погодување на боите не му е рамен ниту компјутер. Тоа е дарба и искуство. И на годините не се предава. Слаб, витален и пргав пак го зема алатот в рака. Се качува на скала од мерак, “да ја одржи” работната кондиција. Ама само нешто ситно за пријатели, а не како некогаш кога не знаел за одмор.

– Со занает се зафатија и двајцата синови. Едниот Гоце, живее во Шведска. Работи во фабриката за камиони Сканија, а другиот Љупчо е автолимар и работи со шлеп служба. Поврзаноста со божјиот дом му ја пренесов и всадив и на синот Љупчо – кажува Андон за потомците.

Многумина го препознаваат, бидејќи често е во манастирот Св. Димитрија, во Селце. Нема недела или празник да не запали свеќа во храмот, да не поужива во панорамата на градот, да ги наполни белите дробови со чист воздух и духовно да се нахрани од манастирскиот амбиент. Повеќе од седум години  го дава придонесот за разубавување на светата куќа. Членува во управата да се дотера манастирот и да привлечи уште повеќе посетители, оти е блиско прекрасно место за рекреација.

– Помагам, колку што можам, скромно. Како да ми е празна душата, ако случајно не појдам некој ден. Задоволство ми е кога ќе ги видам озарените, малку испотени лица на младите кои пешачат. Посебно, со асфалтирањето на патот, секој ден доаѓаат луѓе, а во сабота и недела врие од народ и лете и зиме. Со управата се трудиме да ги подобриме условите. Манастирот располага со пространа голема трпезарија, уште поимпресивна тераса на конаците. Успеавме да ја реновиравме црквата, го заградивме дворот, направивме голема камена порта – кажува Пејовски.

Секој камен, кукулски кој ќе го здогледа, а не се употребува, го носи во манастирот.

Го влече манастирот и иако е ладно, скоро секој ден со моторчето заминува на кај Селце, во манастирот. Андон е еден од иницијаторите за многу преземени градежни работи во манастирскиот комплекс. Планираат доградба на конакот и повторно бојадисување на фасадатаа на црквата Свети  Димитрија да заличи за Ѓурѓовден, Иванден, Митровден. На сите им се посакува  добредојде.             – Сакам да ме послужи здравјето, да помагам и да работам додека можам, да донесеме појака струја, трофазна, да се доуреди дворот и да се направат мали пријатни катчиња за посетителите, посебно за дечињата да има каде да  поиграат на чист планински воздух – вели Андон.

Селечкиот манастир му е втор дом. Сонува за изградба на резервоар за вода.

ЗА ПЕНЗИОНЕРСКО АИРЛИЈА – РАЗУБАВУВАЊЕ НА МАНАСТИРОТ НА ТОШЕ

Освен на Селце, работел и на манастирите во Крушево.

– Откако станав пензионер се ветив да ја купам бојата за конаците на манастирот Св. Преображение на Тоше Проески. Се разбира и молерската рака за внатрешното бојадисување на собите и надворешната фасада на конакот. Ја работев и дограмата со мрсна боја. Бев таму два месеца – вели Андон, додавајки дека работи за здравје на семејството со пет внуци.

За здравје и се разбира бакшиш, без пари Андон им ја бојадисал и црквата Св. Богородица во Крушево. Крушевчани, на кои им било  страв да се  качат на високо често го задевале одоздола велејќи дека ете го прилепчанецот, иако не знаеле од каде е  само претпоставувале, дека штом се качува без страв мора да е од Прилеп. Таму го бојадисал и крстот горе на купињата.

Работел во манастирите и во Беловодица, на конаците во Загорани, Никодин, Тројаци и секаде каде што ќе го повикале.

За без пари, само за здравје.

И ВО ШВЕДСКА СЕ ФАТИЛ ЗА ЧЕТКА

Кај син му во Шведска оди скоро секоја година, не знае колку  пати  бил со неговата Даница. И таму, се фатил за четка.

– Немајќи што да правам се нафатив и му ја бојосав фасадата на куќата на мојот син. Комшиите посакаа и нивните фасади да им ги молерисам, го  бендисаа моето работење, ама синот не ме остави.  Сум бил и  во Австралија неколку пати, сум ја прошетал и вдолж и  попреку. Таму имам шура, брат на жена ми.

Loading