ПРИЛЕПСКИОТ ОТПАД ЌЕ СЕ ДЕПОНИРА ВО НОВАЦИ

Ќе се гради ли Регионална депонија во пелагониско?

Министерство за животна средина и просторно планирање соопшти дека Европската комисија одобрила дополнителна донација од 22,5 милиони евра за регионалниот систем за управување со отпад. После потпишувањето на Договорт за заем со Европската банка за обнова и развој со кој се обезбедија 55 милиони евра за развивање на регионалниот систем за управување со отпад, Европската комисија, во рамките на Инвестиционата рамка за Западен Балкан, одобри дополнителни 22,5 милиони евра како инвестициска донација. Со 9-те милиони евра што како донација  се обезбедени од Швајцарската влада, вкупната висина на обезбедените средства за воспоставување на регионалниот систем за управување со отпад во Полошкиот, Југозападниот, Пелагонискиот, Вардарскиот  и Југоисточниот плански регион изнесува над 87 милиони евра.

Според најавите, во Општината Новаци ќе се гради санитарната регионална депонија, во која освен отпадот од пелагонискиот регион, ќе се транспортира и од Охрид, Дебар, па се до Центар Жупа.

Општина Прилеп за разлика од сите општини во Македонија, е на добар пат да го заврши почнатиот проект за секундарна селекција на отпад која опфаќа доизградба на почнатата хала, набавка на дробилка за градежен шут и изградба на компостара, како и моделирање на куќната селекција на отпад.

Директорот на ЈКП Комуналец, Рубин Абрашоски најави дека и покрај неповолната ситуација на светската берза на рециклибилните материјали, остануваат заложбите за воведување на ред во сортирањето на отпадот и  почитување на законската регулатива.  Комуналец нема расположливи големи финансиски средства за инвестиции и е насочен во подготовка на проекти и аплицирање пред ЕУ фондовите.

– Подготвуваме апликации за проекти од Програмата за меѓугранична соработка со соседните држави, каде приоритет годинава е да обезбедиме грантови  за доизградба на фабриката за селекција на отпад, ставање во употреба и доопремување на линијата за секундарна селекција за отпад. Планираме да создадеме услови за изградба на компостара која ќе биде неопходна. Јавните претпријатија од Пелагонискиот и Југозападниот регион, планирано е од 2025 година да вршат само собирање и транспортирање на отпад, зашто во најава е да почне градбата Регионалната санитарна депонија. Според сите анализи и пресметки од странски партнери кои ги вршат обуките за идното неопходно управување со отпадот, оние општини кои ќе успеат да селектираат различни видови на отпад, ќе плаќаат помалку за депонирање во идната Регионална депонија. Секој корисен и одвоен отпаден материјал треба да се селектира на местото на неговото настанување. Секој транспорт на вкупниот отпад би ги дополнително оптоварил финансиски граѓаните и бизнис секторот. Во идната  Регионална депонија да успееме да транспортираме и депонираме се што не се рециклира, односно да се носат за депонирање минимални количини – изјави Абрашоски.

Европските искуства говорат дека стекнувањето на навиките кај граѓаните да селектираат отпад, е најтешкиот дел од алката во процесот на селекција на отпад. Сепак, граѓаните на Прилеп, во голем мера покажуваат високоразвина свест во придонесот да се одвои секој корисен материјал и да не заврши на депонија.

Сите предложени фази за надградба на системот за управување со отпад во Прилеп се базираат на принципот на минимални вложувања – максимален ефект.

Приоритет е поставувањето на подземните контејнери кои ќе го подобрат визуелниот изглед и ќе придонесат за заштита на животната средина како и ќе ја подигнат културата на однесување во одлагањето на отпад на едно повисоко ниво.

За брзо, општината ќе мора да воведи задолжителна селекција на отпад, во согласност со законската регулатива. Главниот збор во идното Регионално и меѓуопштинско здружување во делот на управувањето со отпадот ќе го имаат советите на општините кои треба да носат рационални одлуки, неоптоварени со разни политички и бизнис интереси.

Инаку, прилепскиот модел веќе го препорачува и Министерството за животна средина и просторно планирање и им советува на општините да го следат примерот од Прилеп, со што би се подготвиле за идниот предизвик, односно депонирање само на некорисни отпадни материјали во идните регионални депонии.

ЛОКАЦИЈАТА ДО ПОРАНЕШНИОТ РУДНИК НА РЕК?

Според Министерството за животна средина, локацијата на регионалната депонија во општина Новаци се предвидува да биде до поранешниот рудник за јаглен на РЕК Битола, а која ќе ги опслужува Пелагонискиот и Југоисточниот плански регион.

Разгледувана била потребата за алтернативен пат до централната регионална депонија за спречување на негативни влијанија кај граѓаните на а Новаци и Битола. Ќе се финансира со заем на ЕБОР и со грант од Владата на Швајцарија.

ПАД НА БЕРЗАНСКАТА ЦЕНА НА ОТПАДНАТА ПЕТ АМБАЛАЖА

Просечно Комуналец годишно селектира од 900 до 1000 тони отпадна хартија, 90 тони отпадна Пет амбалажа, 50-тина тони отпаден најлон, како и разни видови на пластика, боци, лименки, ролетни, пакување од хемиски производи и др. И покрај количините, а со оглед на падот на берзанската цена на отпадната ПЕТ амбалажа, хартија и картон кои го формираат процентот од селектираниот отпад Комуналец, тешко ќе може да ги покрие трошоците кои се прават во собирањето, транспортот, доселекцијтаа и балирањето на ПЕТ амбалажата.

Loading