ДВА ДЕНА МЕЧЕВИ НА 10 МАСИ

Пинг-понг: Меѓународен турнир “Илија Карески – Каре”

Меѓународниот меморијален пингпонгарски турнир “Илија Карески – Каре”, кој е во чест и спомен на големиот пингпонгар, тренер и спортски работник, станува традиционален, со второто издание викендов во салата од ОУ “Добре Јованоски”. Организаторот, клубот Младост 96, најавува учество на над 130 учесника од Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Грција, Бугарија и Македонија. Два дена – в сабота и в недела, претстојат борби на 10 маси во повеќе категории. Најмали се пионерките и пионерите до 12 и 15 години, потоа младинките и младинците до 19, па  сениорките и сениорите за кои има награден фонд од по 400 евра. Ветераните се во три групи – од 40 до 49, 50 до 64 и над 65 години. Пропозициите овозможуваат еден учесник да се натпреварува во две категории: младинските категории освен во својата и во постара, а ветераните освен во својата и во помала. Системот ќе биде подреден исто како да има 200 пингпонгари.

– Имаме учесници колку што очекувавме. Покрај пингпонгари од речиси сите активни македонски клубови, меѓу нив двата прилепски, доаѓаат и над 50 од странство. Заедно со Локалната самоуправа, за нив обезбедивме подароци, а и превоз со автобус до нашите знаменитости, како манастирот “Свети Архангел Михаил”, Институтот за тутун, Галерија на икони – вели Златко Рикалоски, член на УО на ППК Младост 96.

Програмата двата дена почнува од 9 часот, а влезот за публиката е слободен.

Loading