ЈАС СУМ МАКЕДОНЕЦ, ИДАМ ОД МАКЕДОНИЈА ПО ТРГОВИЈА

Раскажувал Христо Симиџиоски – аптекар од Прилеп

Панаѓурите во Прилеп редовно се одржувале од 1852 г.  До 1875 година биле во големи димензии.

Браќата Ицко и Аџи Мирче Бомбол биле сираци. Многу енергични и пргави. Обајцата биле момци кај Аџи Илија и негојте синој. Аџи Илија дошол во Прилеп во почетокот на 19 век од селото Големо Радобил. Аџи Илија имал шест сина и две ќерки. Својата ќерка Марија ја дал за жена на својот калфа, Аџи Мирче Бомбол.

Браќата Бомболовци се збогатиле. Ицко Бомбол пред 170 години заминал по трговија во Беч, Австрија. Редовно оделе и синојте на Аџи Илија. Во 1852 година Ицко Бомбол заминал за Беч. До Смедерево патувал со коњи. Од Смедерево се качил на ѓемија по Дунав. По еден месец патување, стасал во Беч. Ко слегол на пристаништето, го видел некој Австријанец. Ицко Бомбол бил облечен во ќурк и со фес на глата. Австријанецот мислил дека е од Турција. Арно ама, Австријанецот знаел турски. Се доближил до Ицка Бомбол. Го прашал:

– Од кај си? Што си? Што си дошол во Беч?

Ицко Бомбол му одговорил:

– Јас сум Македонец. Идам од Македонија по трговија!

Австријанецот му излегол во пресрет, му праел друштво, му кажувал од кај да купи, од која фирма. Купувањето и товарењето на стоката траело еден месец. Со помош на Австријанецот, стоката ја товарил на ѓемија и по Дунав се вратил. Австријанецот се викал Алфред. Тој, заедно со Ицка Бомбол, кинисал за Македонија.

– Кинисувам со тебе за да ти се најдам по пат! Ти си јабанџија чоек!

Патувале еден месец. Дошле во Смедерево со ѓемија. Од Смедерево со коњи каравани и се вратил Ицко Бомбол во Прилеп. Ко стасале, Аџи Мирче Бомбол му рекол на брата си Ицка:

– А бре брате, кој ти е овој голтарак?!

– Ми се најде за некоја круна. Овај е јабанџија. Многу ми помогна.

Алфред неколку дена шетал низ Прилеп. Заминал за Солун кај австрискиот конзул. Оттука со параход за Трст, па за Беч.

Јабанџијата бил во служба на обавештајното во Министерството во Беч.

Бомболовци стоката ја средувале од 1 до 15 август. Од 15 до 31 траел панаѓурот. Некои големи трговци од Битола имале магацини во Прилеп. Панаѓурот траел само 15 дена. За време на панаѓурот во Прилеп се збирале 10 000 трговци. Се праело алашфереш за 300 000 златни турски лири. По панаѓурот, сите еснафи почнувале да работат за идниот панаѓур. Цела година градот вриел од работа. Жени, невести, моми преку цела година ткаеле јамболи, килими и други рачни производи. На панаѓурот и Турци, сиромаси, изнесувале кадаиф и баклава да земат некоја пара. Панаѓурите го издигнале Прилеп во економско, просветно, а подоцна и во револуционерен дух.

Но, во 1873 година, по панаѓурот, кога трговците и еснафите се снабделе со сé што им е потребно со спечалените пари, ги наполниле дуќаните со стоки. Една вечер страшен јанган, пожар, можеби и подметнат, ја уништил сета чаршија. Изгорел и дрвениот саат, кој повторно го изградил мајсторот Лауца. Од пожарот пропаднале многу дуќанџии.

Последниот панаѓур бил во 1875 година. За време на панаѓурот, една тајфа турски разбојници го раниле Ицка Бомболо, а некои биле и отепани. Настанало страшно бегање, дуќаните останале отворени. После овај настан не се одржувале повеќе панаѓури во Прилеп. Кајмакамот дал проглас до населението да се врати по дуќаните. Разбојникот се викал Кучук Кадри.      Патиштата станале несигурни. Но, панаѓурите престанале поради босанскохерцеговачкото востание од 1875 година, српскотурската војна од 1876 година и рускотурската војна за ослободување на Бугарија од 1977-78 година.

Се изградила и Барун Хиршовата железница Скопје-Градско-Солун. Така Прилеп престанал да биде центар за Средна Македонија и Јужна Албанија.

Пренесол Стојан Силјаноски во Стремеж 1-2 во 1976 година, повтроно публикувано во интертен порталот Олд Прилеп

Loading