ПИСМЕНОСТА ВО МАРУЛ (175) – 3 ДЕЛ

Фељтон: Томе Велјановски

На 14 по новиот или на 1 по стариот црковен календар во месецот мај е празникот Еремиј – Еремија.

Пред празникот Еремиј вечерта традиционално се носат ѕвонци клопотарци клакачки уште викани по наше чакарки со нив се тропа на околу сите домашни објекти и се вика, бегајте змии, смокови, утре е Еремија кого ќе го фати главата ќе му ја скрати. Со тоа ги плашат луѓето овие влекачи за да не доваѓаат во куќните објекти. Еремија бил голем џелат, секој ден колел деца некако за да го закола и бараното дете Исус Христос.

Навечер кога ќе си дојдел дома носел една глава од убиените деца, ја терал неговата жена да му прави вечера од главата. Така да еден ден Исусовата мајка Марија криејќи се со нејзиното дете Исус од џелатите побарало спас во куќата на џелатот Еремија не знаејќи да куќата е на Еремија. Не знаејќи каде бара спас, Марија со малиот Исус ја прашала непозната жена дали можи да преноќева во нејзината куќа, домаќинката куќата благодарно на срце не знаејќи ја непознатата жена мајка со малото дете е баш таа жена со малото дете Исус Христос која ја бара цела Римска империја и џелатот Еремија. Мајката Марија со малиот Исус се расположила во примената куќа, го искапала малиот Исус.

Детето единче на Еремија и неговата жена сето било краставо и Марија ја прашала домаќинката од што и боледува нејзинот дете. Мајката на болното дете ги пособрала рамениците и во плач со навирени солзи и одговорила, мака мачи со детето страда од непозната болест. Марија, Исусовата мајка и понудила на домаќинката нејзиното дете да го капат во истата вода и корито во кое мајката Марија го капела малиот Исус Христос.

Мајката домаќинка на краставото дете ја послушала гостинката и го искапила нејзиното краставо дете во истото корито и истата вода каде било капено гостинското дете. После капењето на краставото дете големо чудо настанало. Сета краста му паднала на нејзиното дете. Таа била изненадена, вознемирена од промената со болеста од нејзиното дете.

Толку била изненадена и од голема радост солзи ронела. Во тој момент си дошол нејзиниот маж Еремија од работа од колење деца. Со него донесол Еремија глава од дете за неговата жена да му готви вечера. Само што влегол Еремија видел едно лично дете насмеано оди пред Еремијовата жена. Еремија без збор да проговори со неговата жена ја извадил сабјата од ножницата за да го заколи детето.

Неговата жена, мајка му на детето спискала и му рекла на маж си, немој мажу што ќе направиш, ќе го убиеш нашето дете. Детето се насмеало и го изговорило татковото име. Еремија таткото се стаписал од злосторството кое го замислил за да го убие своето дете.

Еремија со смирен глас ја прашал жената му, што е, што се догодило со нашето дете. Таа му раскажала за вистината со нивното дете. Неговата жена се ослободила од погледот и стравот негов и почнала да му ја раскажува вистината. Мажу, денес дојде една сиромашка непозната жена со мало дете и ме праша дали можи за да преноќева во нашава куќа. Јас без тебе да те прашам и одобрив и дадов изим за нејзин престој кај нас без никаква наша помош.

Таа жена го побара нашето корито и го искапа нејзиното дете и ми понуди да го искапам нашето дете во истата вода во која го капеше нејзиното дете, ете што се догоди со капењето. Нашето дете си оздрави.

Еремија и  заповедал на неговата жена да му кажи каде е сместена во куќава и заклетва зел да ништо лошо нема да и направи на гостинката со нејзиното мало дете. Еремија одејќи со неговата жена кај гостинката нешто му примирисало некое слатко јадење, вечера, послатко од неговата вечера. Откако неговата жена го однесла мажот је Еремија за средба, разговор со непознатата гостинка одседната во неговата куќа Еремија ја прашал гостинката каква вечера таа спрема. Таа му одговорила срема сиромашна вечера, празно варено зелје.

Еремија џелато ја пофалил за вечерата и рекол, твојата посна вечера има подобар мирис од мојата мрсна вечера. Еремија добил вечера од приготвената гостинка. Еремија кога ги усогласил здравјето на неговото дете и слатката вечера заклучил да неговата примисла, идеја да овде се работи за некоја надбожна сила и неговата сабја ја свиткал од неговите колена и се откажал од понатамошно колење на деца. Го прифатил христијанството да живее во мир и спокојство во натамошниот негов живот.

Сепак останало како традиција на тој ден се повикуваат змиите и смоковите за да се пазат од Еремија дотогашниот џелат.

Раскажал Ордан Топчија Трајкоски од с. Бонче.

На 15 мај по новиот цалендар или на 2 ри по стариот календар е верскиот празник Св. Атанас.

На овој празник приватно не се работи. Се оди на гости каде во селото има селска слава. Села во кои се слави селска слава во нашите краеви се селата Галичани, Лознани, Новаци и Мојно. За марулчани најпривлечно село за на гости за селската слава Св. Атанас беше с. Мојно. Со селото Мојно марулчани имаа најголема врска преку мажење и женење. Додека останатите села како Новаци, Лознани и Галичани се со помалце крвна родбинска врска. На пример во с. Лознани е роден Велјаноски Велјан Ганачо од мајка марулка Петра Гулабоска. Неговите родители умреле кога Велјан бил мал. Гулабоски Николе го посинил, растел во Марул, родниот крај го заборавил.

Јанкоски Ристев Стојан од неслога со браќата Ѓорче и Илија фамилијарно се иселил во Галичани, врската со Марул ја изгубил во Галичани, Стојан добил прекар Уткоски. Стојан Јанкоски откако се иселил во Галичани никогаш повеќе не го посетил Марул. Стојан бил роден помеѓу 1860 /70 година.

Ристеска Јованова Менка Мурџеска млада девојка се заљубила во момчето Павлески Стојанов Петко од Марул и се омажила бегалка за Петко. Но Мурџевци незадоволни од нејзината одлука ја извадиле од кај Павлевци и ја премажиле за Ѓорѓија Томоски во с. Галичани. Мурџевци правеа визита, посета за славата Св. Атанасовден во с. Галичани.

На 21 мај е празникот Св. Јован, неработен ден за приватниците. Селска слава за празникот Св. Јован се слави во наредниот ден во с. Бонче. Тие кои не мислат на гости да одат, си одат на работа, кој како планирал. На самиот ден Св. Јован после ручек веќе се забележуваат по патовите гости, одат за во с. Бонче. Према наше сознание Бонче е единствено село во пелагониската равнина каде се слави Св. Јован. Не само во Бонче, туку во секое село кое слави селска слава како прв знак на сред селото уште вечерта тропнува тапанот.

Младината веќе е тука.

Бонче е село приближно до сто домаќинства. Народ се собира во голем број како од пелагониската рамнина, од Мариово, исто така доваѓаат гости од градовите Битола и Прилеп.

Од источната страна од Мариово доаѓа преку Скала и Чашица со мариовска носија. Од битолско доваѓа со селска носија, терзиски кошули со црни бајови црни волнени шајаци украсени со мониска и сирки украсени со чкепина на главите претежно волнени чорапи до под колена украсени со повеќе разновидни бои со терзиски опрегачи украсени со повеќе разнобојни гајтани и текстилни свилени ракавчиња и грлки на градите.

Од прилепскиот крај доваѓаат везани бели на бело кошули везани бели волнени и бубаќени вермелина на краевите на вермелината украсени со лисичини кожинчиња селски волнени чорапи до под колена во разни бои везани опрегачи бели везани грлки со чкепина на главите.

Мариовската е трета женска носија во боја повеќето аловна со китови по крајот на саите и кошулите.

Продолжува

Loading