АКЦЕНТ НА ЗАШТИТАТА НА ТРЕСКАВЕЦ

Горан Цветкоски, директор на Заводот и музеј

“Ја стартувавме 2023 година амбициозно. Дел од проектите се за заштита на културното наследство, дел за музејската дејност”.

Ова го потенцира Горан Цветкоски, директор на Заводот и музеј.

Според него, годинава институцијата ќе заокружи неколку проекти, почнати лани.

– Тоа е последната фаза од заштитата на иконостасот во црквата Св. Благовештение. Комплетно да го заштитиме иконостасот, кој ќе го добие својот заштитен лик и ќе блесне во стариот, но автентично обновен сјај. Почнуваме голем проект за манастирот Трескавец. Стручниот колегиум и отсекот за заштита на културното наследство во Министерството, сметаат дека е крајно време да се заврши со елаборатот и проектот за заштита на црквата и трпезаријата во манастирот Трескавец. Презедовме превентивни мерки, но сега комплетно одиме на реализација. Наш наод од локалитетот Врбјанска чука се наоѓа на изложба во САД – вели Цветкоски.

Заводот и музеј се надева дека ќе бидат прифатени повеќе проекти по скорешната објава на програмата на Министерството за култура, бидејќи лани била година на штедење, на скусување на средства, пари.            

-Оптимист сум, иако не зависи од нас дека ќе имаме програма достојна за работа. Очекуваме поддршка за 24 проекти во заштитата на културното добро, бидејќи се значајни, за 15 за музеологијата, од кои некои се продолжение од претходните години. Годинава сакаме да објавиме и мини каталог со презентации на постојаните музејски поставки за популаризација на расположливите културни вредности – објаснува Цветкоски.

Ќе се работат неколку конзервации на куќи и споменици во Крушево. Планиран е почеток на реконструкцијата на споменикот од НОБ од  Крушево и на дел од леарницата од Илинденското востание. Посебен акцент ќе бил ставен на валоризација и ревалоризација на цркви, затоа што има насока од државен ревизорски инспекторат дека треба да се посвети повеќе на валоризацијата и ревалоризацијата.

Се прават напори локалитетот Стибера да заземе највисоко место во истражувањата и во конзервацијата годинава. 

-Преку Министерството за култура треба да аплицираме во ЕУСАИР програмата за поголемо внимание во истражувањето на Стибера. Треба да го изработиме проектот и да аплицираме. Се надеваме дека грантот ќе го добиеме. Ова е голема шанса за повеќе средства за локалитетот, а не само да чекаме од Министерството. Стибера заслужува да биде објект од посебно значење – истакнува Цветкоски.

Во Музејот планираат да посветат внимание на Могилата на непобедените. Претендираат реставрација и овој споменик да биде огледало на градот, како што е Меморијалниот музеј 11-ти Октомври – Участакот. Негуваат надеж дека Алејата на непобеденте ќе се дополни со нови пет бисти на народните херои од Прилеп и ќе се преземи соодветна заштита. Ќе се насочат на ревитализација на споменикот на Песјобрдце.

И покрај скусените средства лани, Заводот и музеј успеал да заврши околу 90 проценти од проектите.

Loading